Мостар прогласи вонредна состојба по големиот пожар на депонијата, градот обвиен во чад
Властите во Мостар прогласија техничко-технолошка несреќа и вонредна состојба поради големиот пожар што избувна на градската депонија, а кој и натаму е активен.

Одлуката била донесена на заедничка вонредна седница на Штабот за цивилна заштита на градот Мостар и жупанискиот штаб на Цивилната заштита на Херцеговско-неретванската жупанија, откако пожарот предизвикал значителна материјална штета и сериозно загадување на воздухот.
Според Професионалната противпожарна единица на Мостар, сите расположливи сили се распоредени на терен. Иако пожарот засега не се шири, од депонијата и натаму се издига густ чад.
Утринава Мостар се разбудил обвиен во чад и силен мирис на изгорено, додека последните мерења покажуваат дека квалитетот на воздухот е на многу лошо ниво.
Пожарот избувнал во понеделникот околу 9 часот наутро и брзо се проширил, зафаќајќи магацински простории, постројки и работни машини за рециклирање.
Надлежните служби соопштија дека во гаснењето се вклучени противпожарни единици, цивилна заштита, медицински тимови, воздухопловни сили, Вооружените сили на Босна и Херцеговина и други служби за спасување.
Градоначалникот на Мостар, Марио Кордиќ, изјави дека пожарот предизвикал огромни штети на локалитетите Буѓевци и Уборак.
„Изгоре салата за рециклирање со целосните капацитети, оштетена е опремата на депонијата, а благодарение на пожарникарите административната зграда беше спасена“, изјави Кордиќ.






