Историчарката Наде Проева постхумно одликувана со Орден „8 Септември“
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска посхумно со Орден „8 Септември“ ја одликува Наде Проева, историчарка, професорка и авторка за нејзиниот особен придонес во афирмирањето на македонската историографија. Орденот „8 Септември“ го прими нејзината сестра Павлина Проевска.

- Античкиот свет е далечно минато. Неговите градови се урнати, неговите владетели преминаа во историските книги, а до него допираме само преку фрагменти: натписи врежани во камен, монети, археолошки ископувања и остатоци, ретки сведоштва што времето не успеало целосно да ги избрише. Но, токму од тие фрагменти, од тие навидум неми траги на минатото, професорката Наде Проева создаде и создаваше знаење, концепти, теории, одгатнуваше историја, отвораше нови научни хоризонти и поттикнуваше повторно, пошироко и подлабоко да размислуваме за местото на Македонија и Македонците во историјата – истакна претседателката во својот говор на врачувањето на Орденот.
Истражувањето и одгатнувањето на антиката и античка Македонија беа нејзина животна и научна преокупација и мисија, а таа, како што кажа претседателката, не го романтизираше минатото, ниту го претвори во мит, туку го истражуваше и објаснуваше со научна строгост, интелектуална чесност и длабоко чувство на одговорност кон вистината
Сестрата на Проева која го прими орденот „8 Септември“ рече дека со длабока почит и благодарност, семејството на Проева се заблагодарува за ова признание и верува оти и таа ќе беше среќна.
– Да беше денес Наде со нас, ќе речеше: „Не, ова признание не е само за мене, ова е за сите историчари и археолози и професионалци од мојата фела кои што работат на чување на нашето македонско наследство, на нашите македонски вистини, историски вистини“ – рече таа.
Професор д-р Наде Проева беше македонски историчар класицист и редовен професор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ при Филозофскиот факултет, Катедрата за историја во Скопје од 1984 година до нејзиното редовно пензионирање во 2015 година.
Родена е во Ресен на 9 септември 1949 година, каде завршува основно и средно образование, а високото образование го продолжила на Универзитетот во Белград, каде дипломирала античка археологија во 1973 година на тема: „Четири необјавени доцноантички некрополи од околината на Прилеп“. Истата година, од декември 1973 до март 1975 година, работи како кустос во Народниот музеј во Прилеп.
Во јуни 1978 година на Филозофскиот факултет во Белград го брани магистерскиот труд: „Типологија на надгробните споменици во југословенскиот дел на римската провинција Македонија“. Од 1979 до 1981 била на специјализација на Универзитетот Сорбона во Париз, каде се здобила со диплома за продлабочени студии од областите епиграфика, нумизматика и религија.
Во декември 1982 година на Филозофскиот факултет во Белград ја брани докторската теза: „Влијание на доселениците на развојот на културните прилики во римската провинција Македонија“. Од 1 март 1984 година е избрана за предавач на Филозофскиот факултет во Скопје за предметот Историја на стариот век, а од 1993 за доцент по предметот Историја на античките Македонци.
Повеќе пати била на студиски престој во странство: во Вроцлав и Гдањск – Полска, Француска археолошка школа во Атина – Грција, Францускиот институт во Истанбул – Турција, Австриска академија на науките во Виена – Австрија, на универзитетите во Нанси и во Париз Нантер во Франција и други.
Настапувала на меѓународни научни собири во Франција, Канада, Србија, Бугарија, Хрватска, Естонија, Русија, Романија, Италија и Полска, а држела предавања во Хрватска, Словенија, Франција и Холандија.
Наде Проева беше уредник на две едиции: „Библиотека Miscellanea Byzantino-Macedonica“ и „Historia Antiqua Macedonica“, за кои напишала предговори, забелешки, индекси и изработила карти. Во едицијата „Historia Antiqua Macedonica“ таа објавува преводи на книги за историјата на античките Македонци, а книгата „Историја на Аргеадите“ од 2004 година е прв учебник за античките Македонци за студентите на Филозофскиот факултет при Катедрата за историја.
Проф. Проева учествувала во археолошки ископувања на антички и средновековни локалитети во Македонија, Србија, Полска и Грција, во проекти на Археолошкиот институт во Белград, на Македонската академија за науки и уметност, на Српската академија за науки и уметност и на Берлинско-бранденбуршката академија на науките.
Како визитинг професор има одржано предавања на универзитети во Франција, Хрватска, Словенија и Холандија. Активен работник за популаризација на историската наука со учество во бројни телевизиски и радио емисии, написи, прикази на книги и интервјуа во дневниот печат.
Добитник е на Орден од витез на академските палми од Владата на Република Франција во 1997 година.
Професор д-р Наде Проева почина во Скопје на 6 ноември 2024 година.






