Вишиот управен суд ја поништи одлуката за престанок на концесијата за Иловица
Владата на денешната седница беше информирана за конечната пресуда на Вишиот управен суд, со која се поништува одлуката за престанок на важењето на одлуката за спојување на концесиите за експлоатација на минерални суровини на локалитетот Иловица, во општините Босилово и Ново Село.

Од Владата соопштија дека станува збор за конечна судска одлука, која институциите се должни да ја почитуваат во согласност со принципите на владеење на правото.
Воедно, од Владата посочуваат дека актуелната состојба не е резултат на одлуки донесени од сегашниот владин состав, туку произлегува од одлуките за спојување на концесиите, донесени во јуни 2023 година, како и од последователните одлуки за нивен престанок, донесени еден месец подоцна, по што биле покренати судски постапки.
„Денешната состојба е резултат на завршувањето на таа постапка со конечна пресуда на Вишиот управен суд“, наведуваат од Владата.
Оттаму додаваат дека се свесни за загриженоста што постои кај дел од граѓаните, локалното население и граѓанските организации во врска со проектот и најавуваат дека и понатаму транспарентно ќе ги разгледуваат сите релевантни факти, стручни мислења и аргументи во рамките на законските процедури.
Владата истакнува дека економскиот раст, новите инвестиции и отворањето работни места остануваат приоритет, но нагласува дека тоа нема да биде на штета на здравјето на граѓаните, природните ресурси и животната средина.
„Заштитата на јавниот интерес, почитувањето на највисоките еколошки стандарди и целосната законитост на постапките остануваат принципи од кои Владата нема да отстапи“, се наведува во соопштението.
Секое идно постапување поврзано со предметот Иловица, како што посочуваат од Владата, ќе се темели исклучиво на стручни анализи, законски процедури и институционален надзор, со целосна информираност на јавноста.






