Само тројца ученици се запишале во битолското земјоделско учлилиште – за Јаневска причина се неажурните наставници

Само тројца ученици се запишале во првиот уписен рок во средното земјоделско училиште „Кузман Шапкарев“ во Битола, што според закон е недоволен број да се оформи паралелка во прва година, поради што тие ќе мора да се запишат во друга струка.

Од денешната изјава на министерката за образование и наука Весна Јаневска / Фото: Принтскрин

Ова, одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на печатени учебници во ООУ „Љубен Лапе“ во општина Аеродром, го соопшти министерката за образование и наука Весна Јаневска, која, условно кажано, вината за ваквата ситуација со запишани деветтоодделенци во земјоделското средно улилиште во Битола ја лоцираше кај наставниците, кои, како што кажа, не се потрудиле да привлечат поголем број ученици.

„За жал, нашите предвидувања од Министерството се покажаа како вистинити. Наставниците не се потрудија да привлечат деветтоодделенци кои ќе учат во тоа училиште, кое е најстаро и најреномирано. Во моментов има запишано три иченици во тоа училиште во прва година, а станува збор за Пелагонија, каде што, нели, земјоделството треба да се развива и доразвива. Сметам дека треба поголема ажурност од училиштето“,изјави ресорната министерка.

Јаневска најави дека поради ваквата ситуација, земјоделската паралелка ќе оди во Регионалниот центар во Битола.

„По закон ние не смееме да дозволиме паралелка со тројца ученици да постои. Тие ќе продолжат да си работат како втора, трета и четврта година, а од следната година ќе си оди оваа паралелка, односно земјоделската струка во Регионалниот центар, како што планираме, како што и треба да биде“,рече таа.

Тоа, како што потенцира министерката, ќе биде од следната година, а оваа година тројцата ученици ќе се презапишат во друга струка.

„За жал ги изневерија, наместо да се обидат да си присоберат ученици, да помовираат во деветто одделение, да направат некако тип на сензибилизација, не го направија и ги донесоа овие три дечиња де факто во заблуда“,рече Јаневска.

Прашана дали ги слушнала аргументите од училиштето, министерката кажа дека не ги слушнала, оти има и втор уписен рок, но и во него таа не очекува да се запишат поголем број ученици. Рече дека имала средба со претставници на училиштето и неколкупати разговарале по телефон, од каде тврделе дека училиштето е потребно.

„Верувам дека е потребно и дека треба да постои, но ќе постои струката не во тоа училиште, туку во друго училиште, струката нема да ја згаснеме, туку ќе оди таму каде што се малку поажурни наставниците“,

рече Јаневска.

Одговарајќи на дополнително прашање, таа потврди дека наставниот кадар ќе се префрли во Регионалниот центар, а училишната зграда ќе остане на Општина Битола или на Република Македонија, односно дополнително ќе се одлучува што ќе се прави со неа.

Инаку, министерката за образование информира дека во првиот уписен рок се запишани 14 500 ученици, додека во вториот, кој е денеска, се очекува да се запишат уште 2 000. Со тоа, рече Јаневска, би се пополнил речиси целиот целиот број деветтоодделенци што очекуваат да бидат запишани во средните училишта.

Back to top button
Close