Богатството на Илон Маск се намали за 350 милијарди долари за само една недела


Богатството на најбогатиот човек во светот, Илон Маск, се намали за околу 350 милијарди долари во период од само една недела, како последица на значителниот пад на вредноста на компанијата SpaceX.

Според пресметките на магазинот Forbes, нето-богатството на Маск се намалило од 1,45 билиони на помалку од 1,1 билион долари. Загубата е поголема од вкупното богатство на вториот најбогат човек во светот, Лери Пејџ.

— реклама —

Само пред неколку недели Маск стана првиот светски билионер, откако неговата компанија SpaceX забележа рекорден настап на берзата. По иницијалната јавна понуда, компанијата беше проценета на повеќе од 1,8 билиони долари, а акциите во првите три дена од тргувањето пораснаа за 67 проценти.

Пазарната вредност на компанијата достигна врв од 2,9 билиони долари, но потоа следеше корекција. Акциите на SpaceX паѓаат веќе три последователни дена, поради што пазарната вредност на компанијата се намали за околу 928 милијарди долари и сега изнесува нешто повеќе од два билиони долари.

Маск и претходно го држеше рекордот за најголема поединечна загуба на богатството, кога во 2022 година изгуби околу 165 милијарди долари поради остриот пад на акциите на Tesla. Неговото богатство денес главно се состои од 38-процентен удел во SpaceX, 11-процентен удел во Tesla, како и сопственост во повеќе стартап-компании.

Пад на богатството забележа и 81-годишниот основач на Oracle, Лери Елисон. Неговото богатство се намалило од 400 милијарди долари на околу 220 милијарди долари, поради големата распродажба на акциите на компанијата.

Дополнителна загриженост кај инвеститорите предизвика и најавата на SpaceX дека планира да издаде инвестициски обврзници во вредност од најмалку 20 милијарди долари за финансирање на своите амбиции во областа на вештачката интелигенција.

Во меѓувреме, почетниот ентузијазам околу акциите поврзани со вештачката интелигенција почнува да слабее. Индексот Nasdaq забележа пад од 1,3 проценти, додека акциите на Alphabet и Amazon исто така значително ослабеа. Падови беа регистрирани и на азиските берзи, вклучително и на јапонскиот индекс Nikkei 225.

Back to top button
Close