Македонија добива национална фабрика за вештачка интелигенција

Македонија денеска официјално ќе ја претстави „Везилка“ – Националната фабрика за вештачка интелигенција, проект кој има цел да го забрза технолошкиот развој на земјата и да ја позиционира како активен дел од европскиот екосистем за вештачка интелигенција.

Проектот го координира Факултетот за компјутерски науки и инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во соработка со Министерството за дигитална трансформација.

„Везилка“ е воспоставена во рамките на Европската заедница за пресметување со високи перформанси (EuroHPC JU) и е кофинансирана од Европската Унија преку програмата „Хоризонт Европа“.

Преку партнерството со грчката фабрика за вештачка интелигенција „Pharos“, иницијативата ќе овозможи Македонија да стане дел од европските напори за развој на доверлива, иновативна и етичка вештачка интелигенција насочена кон потребите на граѓаните.

Еден од клучните аспекти на проектот е развојот на збирки податоци и дигитални ресурси на македонски јазик, со што ќе се овозможи подобра застапеност на македонскиот јазик и локалните специфики во идните AI системи.

Од ФИНКИ посочуваат дека „Везилка“ ќе придонесе за зајакнување на дигиталниот суверенитет на државата, ќе ја поттикне дигиталната трансформација на јавниот сектор и ќе отвори нови можности за истражување, претприемништво и развој на иновативни технологии.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close