Филипче: Дупката во ПИОМ е 40%, власта ги загрозува пензиите на стотици илјади граѓани
Соопштение на СДСМ:

Како што буџетот тоне, така очигледно дека и пензискиот фонд е ставен во ризик, откако дојде оваа власт дупката повторно се зголемува и сега надминува 40%, рече претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче на денешната прес конференција.
Филипче посочи дека за време на владите предводени од СДСМ дефицитот во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување бил значително намален, додека сега повторно расте.
„Кога владата на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во 2017 година го затекна фондот со дефицит од 50%, тој дефицит постепено се намалуваше со цел да биде сѐ повеќе и повеќе стабилен и да може да исплаќа пензии. Дефицитот од 50% се намали на 30% со еден стабилен систем. Откако дојде оваа власт во 2024 година дупката повторно се зголемува и сега надминува 40%”, рече Филипче.
Тој нагласи дека сегашната состојба значи дека речиси половина од средствата потребни за исплата на пензиите недостасуваат.
„Значи 40% од парите фалат и се надокнадуваат од централниот буџет за да може актуелните пензионери да примаат пензии”, истакна Филипче.
Наместо стабилизирање на пензискиот систем, Владата создава дополнителна несигурност кај сегашните и идните пензионери.
„Луѓето се исплашени дали воопшто сега ќе ги добијат тие пари назад и што точно се крие зад изјавата на премиерот. Тоа е уште еден многу тежок удар врз граѓаните”, рече Филипче.
Тој порача дека пензионерите заслужуваат сигурност и достоинствен живот, а државата мора да обезбеди стабилен пензиски систем наместо да ги доведува во прашање нивните стекнати права и заштеди.






