Апасиев го обвини Тошковски за партизација, министерот возврати дека опозицијата сака да го закочи расчистувањето со криминалот

Со меѓусебни обвинувања за партизација, непотизам и политички манипулации, во Собранието се водеше расправа по интерпелацијата за работата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, поднесена од Левица.

Образложувајќи ја интерпелацијата, лидерот на Левица, Димитар Апасиев, оцени дека Тошковски е пример за политички опортунизам и тврдеше дека неговата кариера напредувала со поддршка од партиските структури на ВМРО-ДПМНЕ. Тој упати обвинувања и за непотизам во Министерството за внатрешни работи, посочувајќи дека блиски лица и роднини добивале унапредувања и привилегии, а институцијата повторно била претворена во партиски инструмент.Апасиев обвини и за ширење на корупцијата во полициските редови, како и за префрлање на дел од безбедносните функции кон приватни агенции за обезбедување.

Одговарајќи на обвинувањата, Тошковски истакна дека ова е трета интерпелација против него за две години и оцени дека станува збор за политички напад поради реформите што ги спроведува. Тој рече дека во изминатиот период бил мета на постојани критики од опозициските партии, но додаде дека тоа е доказ дека се случуваат промени.

Министерот нагласи дека во интерпелацијата повеќе се зборувало за неговиот приватен и професионален живот отколку за резултатите од работата на МВР. Според него, изнесените обвинувања се неосновани и претставуваат обид да се попречи борбата против криминалот и корупцијата.

Тошковски порача дека интерпелацијата ја гледа како политички мотивиран обид за собирање поени, а не како реална оценка на неговата работа како министер

Back to top button
Close