(ВИДЕО) На Криволак се уништени две хемиски гранати со боен отров од Првата светска војна

 

Две хемиски гранати со боен отров биле уништени во текот на вчерашниот ден на армискиот полигон „Криволак“, информираа денеска од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

Пиротехничарот од ДЗС, Ѓорѓи Стефанов, вели дека евентуалната нивна експлозија во неконтролирани услови може да предизвика штетни, па дури и фатални последици по здравјето на луѓето кои би се нашле во нивната близина.

„Артилериските гранати од 75 милиметри од Првата светска војна кога би се активирале, целта не е силна експлозија, туку ослободување и ширење на токсични агенси во околината“, рече Стефанов на денешната прес-конференција, на која беше и директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.

Според Стефанов, оваа граната предизвикува изгореници на кожата, на очите и на белите дробови, а во зависност од агенсот може да се јави и печење и солзење на очите, кашлање, гушење, отежнато дишење. Стефанов вели дека симптомите се јавуваат понекогаш и со задоцнување и оти не е препорачливо да се враќа на местото и до 72 часа откако ќе експлодира.

Едната од уништените гранати била најдена во село Крклино, на влезот од Битола, а другата во атарот на село Кременица на македонско-грчката граница, исто така во Битолскиот Регион. Двете биле пронајдени во ниви.

Гранатите биле уништени на армискиот полигон во Криволак од страна на пиротехничарот Стефанов и двајца припадници на МВР од Единицата за антитероризам. Присутни на уништувањето биле и припадници на Армијата со нивно санитетско возило, како и пожарникари од Противпожарната служба во Неготино.

 

Стефанов потсети дека кон крајот на минатата година биле уништени уште две гранати од истиот вид што биле пронајдени на брегот од Преспанското Езеро.

Во зависност од хемикалиите, истакна тој, може да дојде и до парализа и до изгореници, ефектот од експлодирање на вакви гранати може да биде и подолготраен и да зафати пошироко подрачје.

Директорот на ДЗС, Ангелов, апелираше до граѓаните доколку најдат вакви или слични оружја, да бидат внимателни и веднаш да ги известат институциите.

„Граѓаните кога ќе пронајдат гранати, бомби, пушки, муниција и слични оружја од минатите војни, во природата или, пак, и во урбани населби, да не ги поместуваат, туку веднаш да се јават на Единствениот повикувачки број за итни случаи – 112, по што Дирекцијата за заштита и спасување соодветно и согласно стандардните оперативни процедури ќе ја отстрани опасноста“, рече Ангелов. 

Back to top button
Close