Трамп испрати остра порака за можниот наследник на Стармер: „Британија умира“

Американскиот претседател Доналд Трамп првпат јавно го коментираше Енди Барнам, оценувајќи го како „изразито либерален“ политичар и сугерирајќи дека неговото евентуално доаѓање на власт би можело да доведе до несогласувања меѓу Вашингтон и Лондон.

Во разговор со новинарите, Трамп изјави дека Барнам, кој се смета за еден од главните кандидати за иден лидер на Лабуристичката партија и можен иден британски премиер, веројатно нема да дозволи нови истражувања за нафта во Северното Море.

„Не знам многу за него. Мислам дека беше градоначалник на некој град. Слушам дека е изразито либерален, навистина многу либерален, што веројатно значи дека нема да го отвори Северното Море“, изјави Трамп.

Американскиот претседател истовремено оцени дека „Британија умира“, со што дополнително ги подгреа шпекулациите за можни тензии со Барнам, кој во минатото во повеќе наврати беше критички настроен кон Трамп.

Барнам, поранешен градоначалник на Голем Манчестер, претходно ја опиша американската политика како „поларизирана“ и „токсична“. По упадот во американскиот Конгрес во јануари 2021 година, тој на социјалната мрежа Икс напиша дека „секој британски политичар кој му давал поддршка на Трамп треба да се срами“.

Изјавите на Трамп беа дадени за време на средбата со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Вашингтон. Средбата се одржа во пресрет на клучниот самит на Алијансата, а главни теми беа ситуацијата на Блискиот Исток, односите со Иран и иднината на американското воено присуство во Европа.

За време на разговорите, Руте се обиде да ги намали тензиите во рамки на Алијансата, посочувајќи дека европските сојузници значително ги зголемиле издвојувањата за одбраната и дека илјадници американски авиони за време на конфликтот со Иран полетувале од европски бази.

И покрај тоа, Трамп повторно изрази незадоволство од однесувањето на дел од европските сојузници, вклучувајќи ги Велика Британија, Италија, Германија и Шпанија, оценувајќи дека тие не обезбедиле доволна поддршка за американските операции на Блискиот Исток.

Back to top button
Close