Костадиновски: Ист коефициент на плата за уставните судии и за владиниот и собранискиот генерален секретар е негирање на уставната положба
Да се одреди ист коефициент на плата на уставен судија и генерален секретар на Собрание и на Влада е негирање на уставната положба и такво нешто не постои никаде во светот. Ова во интервју за телевизија Сител го изјави претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, образложувајќи ја одлуката на Судот за враќање на старите коефициенти од 2024 година за пресметка на платите на уставните судии, што подразбира нивно зголемување.

Костадиновски вели дека е свесен оти одлуките што ги носи Уставниот суд, како оваа, неретко се непопуларни, но дека имаат правно логична и уставноправна оправдана одлука.
„На почетокот на годината Уставниот суд донесе одлука со која на судиите од редовното судство на некој начин им ги зголеми платите за отприлика околу 10 000 до 12 000 денари, во зависност од судот. Ефектот на таа одлука не беше толку да се зголемат платите на судиите, туку Владата и Собранието во иднина да не можат веќе да ги намалуваат коефициентите на редовните судови. И Уставниот суд, иако специфичен орган во државата, е исто така суд по сите критериуми. Според Венецијанската комисија, и ние ги уживаме истите гаранции како редовното судство за независност, односно финансиската независност, која е нераскинливо поврзана со статусната независност како судии. Па така, природно беше да интервенираме во Законот, но повторно ќе кажам, не на начин директно за коефициентите туку статусно да се одвоиме од носителите на јавни функции од другите власти“,
изјави Костадиновски во интервјуто за Сител.
Тој вели дека според последните законски решенија во Законот за избрани и именувани функционери, претседателот на Уставниот суд и уставните судии биле ставени во ист нормативен режим со функцијата генерален секретар на парламент и на влада и народен правобранител, што, како што рече, не постои никаде во светот.
„Законодавецот не може нормативно да го изедначува статусот на уставен судија со ниедна од овие власти. Ние утврдивме неуставност во статусната положба на судиите затоа што, изедначувањето на уставен судија со генерален секретар на собрание и на влада и одредување ист коефициент на плати, преставува негирање уставна положба. Кој било уставен суд во светот ќе ви го потврди тоа“,
додава претседателот на Уставниот суд.
Одлуката на Уставниот суд, дополни Костадиновски, е логична и е донесена за да се спречи апсурд и ситуација во која платите на редовните судии за неколку години би достигнале повисоко ниво од платите на уставните судии.
„Оваа одлука што ја донесовме е логична одлука. За да спречиме апсурд следната година. Бидејќи платите на редовните судии не можат веќе да бидат намалувани, а просечната плата ќе расте, знаете каква е формулата за пресметување, за година до две, плата на основен судија ќе биде поголема од плата на уставен судија. Ако најде било кој во оваа држава сличен пример било каде во светот, јас сум спремен веднаш да заминам од Уставниот суд“,
дополни Костадиновски.
Претседателот и судиите во Уставниот суд од 1 октомври годинава ќе земаат повисоки плати од оние што во моментов за нив ги предвидува Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во државата. Епилогот следува откако уставните судии ги укинаа измените на Законот од февруари годинава кои се однесуваат на нив, а со кои беа намалени коефициентите за пресметка на платите на сите функционери.
По донесената одлука, оттаму излегоа со образложение дека судиите треба да бидат издвоени како преку статусот, така и преку коефициентите за пресметка на плати од останатите функционери. Судот му даде рок на Собранието до 1 октомври да го усогласи Законот за плата и други надоместоци за избрани и именувани лица со правните ставови на Судот наведени во одлуката донесена на 17 јуни, а доколку тоа не го стори, тогаш од 1 октомври, при пресметката на платите на претседателот и судиите на Уставниот суд ќе се применуваат измените на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица донесени во декември 2024 година.






