Мицковски до Филипче- Сите предавници и кодоши од Коте од Руља па наваму народот ги победувал. Ветувам кога ќе ве видат зад решетки народот ќе биде среќен

Обвинувања за економска стагнација и партиски тендери, од една страна, и за луксузирање во Дубаи и на јахти во Грција, од друга, ја одбележаа денешната полемика меѓу лидерот на СДСМ, Венко Филипче, и премиерот Христијан Мицкоски.
На собраниската седница, на која на дневен ред беше поставување пратенички прашања, Филипче го обвини премиерот затоа што по две години власт нема исполнето ниту едно од ветувањата дадено пред граѓаните.
Според него, по половина од мандатот, владејачкото мнозинство нема исполнето ниту 10 отсто од ветувањата содржани во изборната програма „1198“.

Одговарајќи на прашањето, премиерот Христијан Мицкоски ги негираше тврдењата на опозицијата и го префрли фокусот на владеењето на правото и разочарувањето на граѓаните од претходната власт.
Тој даде објаснувања околу јавниот долг, номиналниот бруто-домашен производ, земјоделството, инфлацијата и направи споредба со времето на владеењето на СДСМ.
Премиерот Мицкоски призна дека државата се соочува со сериозен предизвик на патот кон ЕУ, но вината ја лоцираше во претходната власт и во внатрешните кочници од опозицијата.
„Се сложувам со вас дека имаме проблем и се обидуваме од петни жили да го решиме тој проблем. И покрај тоа што имаме ‘квислинзи’ дома кои се обидуваат одвнатре да ги нарушат позициите на оваа влада. Кога тоа го гледа спротивставената страна, логично е да рече – кога ги имаме оние таму, што има ние да се мачиме со нив“,изјави премиерот.
Мицкоски направи историска паралела за политичките противници, тврдејќи дека Владата на крајот ќе излезе како победник од овој процес без разлика дали тоа ќе биде за една или за десет години.
„Сите непријатели, кодоши и предавници овој народ ги победувал. Од Коте од Руља па наваму, сите тие завршиле неславно“,рече Мицкоски додавајќи дека денеска има многу такви ‘Котиња’ денеска, само што не се од таму каде што бил тој, туку се од градови во денешна Македонија.

Мицкоски истакна дека луѓето ја напуштаат земјава поради недоверба во институциите, бидејќи гледаат како поранешни функционери се соочуваат со неказнивост.
„Велите, секој трет човек планира да ја напушти Македонија. Знаете ли зошто? Затоа што ве гледаат вас во Дубаи како уживате на Харис Џиновиќ, а не сте во затвор. Затоа што гледаат како уживаат поранешни функционери на јахти во Паљури“,рече премиерот
„Јас признавам дека сум виновен што поминаа две години, а вие уште уживате на јахтите наместо на друго место. Но, исто така ве гледам во очи и ви ветувам дека нема повеќе да ги разочаруваме македонските граѓани. Кога луѓето ќе ве видат зад решетки, тогаш ќе бидат среќни бидејќи правдата дошла“,му порача Мицкоски на Филипче.






