„Анима Мунди“: Молкот на ЗОО Скопје за бегството на бели волци отвора сериозни прашања за безбедноста на животните

Во нивната реакција тие бараат одговори за тоа кој го спроведувал надзорот во установата, и бараат да се објасни како е можно волците, доколку навистина избегале од оградениот простор, со денови или недели да копаат дупки без да бидат забележани.

-Како е можно во објект во кој се чуваат диви и потенцијално опасни животни да нема елементарен надзор и безбедносни протоколи? Како е можно да се овозможи доволно време и простор за да бидат убиени повеќе животни, без навремена реакција, без интервенција, без соодветна седација и контрола на ситуацијата? Кој ја презема одговорноста? Кој ќе одговори за убиените кенгури и ему птици? Кој гарантира дека утре жртви нема да бидат посетители, деца, вработени или граѓани- велат од здружението.

Од „Анима мунди“ потенцираат дека доколку е вистина, ова бегство не е несреќен случај, туку, како што велат, алармантен показател за системски колапс, негрижа и отсуство на професионално управување со институција која чува живи суштества зад решетки и за која постојано се издвојуваат јавни средства.

Фото: „Анима мунди“

Оттаму побараа итна, независна и темелна истрага, со јавно објавување на сите факти и утврдување на евентуална одговорност кај лицата кои, како што наведуваат, со постапување или непостапување придонеле за настанатата состојба.

Исто така побараа да се воведе мораториум на размножување, набавка и внесување нови животни во ЗОО Скопје сè додека не се обезбедат соодветни услови за безбедност и благосостојба на животните кои веќе се сместени таму.

До објавата на овој текст, од ЗОО Скопје уште нема официјална реакција на изнесените информации.

 

Back to top button
Close