Рубио: САД не сакаат договор со Иран по секоја цена

Шефот на американската дипломатија, Марко Рубио, за време на турнејата низ земјите од Персискиот Залив, денеска изјави дека договор со Иран не треба да се постигне „по секоја цена“, особено стравувајќи од „тотален хаос“ доколку Техеран воведе патарини за премин низ Ормуската Теснина.
„Дури и ако сакаме договор, не сакаме договор по секоја цена“, рече Рубио во Бахреин.
Тој се осврна на ситуацијата во Ормуската Теснина, главната точка на спорот. Иран размислува за воведување данок, што не постоеше пред војната. Вашингтон категорично ја отфрли таа можност.
„Ако прифатиме дека користењето на меѓународен воден пат може да се наплаќа само затоа што е блиску до нашата територија, тоа ќе се прошири низ целиот свет како епидемија“, предупреди американскиот државен секретар.
Корпусот на Исламската револуционерна гарда, идеолошката армија на Иран, претходно денеска предупреди против какво било неовластено поминување низ Ормуската Теснина и им се закани на бродовите што не се придржуваат кон „соодветните мерки“.
Иднината на Ормуската Теснина, стратешки трговски воден пат затворен од Иран за време на војната, останува камен на сопнување во разговорите меѓу Техеран и Вашингтон.
Меморандумот за разбирање склучен меѓу Техеран и Вашингтон за завршување на војната предвидува дека поминувањето на комерцијални бродови низ Ормуската Теснина ќе биде слободно „само 60 дена“, објавија француските медиуми.






