Родителите на загинатите утре излегуваат на марш: „Нашето барање за правда нема да замолкне“

Здружението на граѓани „16-ти март 2025“ преку објава на социјалните мрежи го најави 46. „Марш на ангелите“, кој ќе се одржи утре (27 јуни) во Кочани.

Маршот ќе започне во 18:05 часот од Паркот на Револуцијата, а од здружението порачаа дека и покрај високите температури и времето што минува, нивната борба за правда останува непроменета.

„Ништо не може да ја скрши нашата волја и нашата борба за правда – ниту пеколните горештини, ниту времето што поминува. За нашите 63 ангели нема одмор од љубовта, нема одмор од сеќавањето и нема откажување од барањето за вистина и одговорност“, наведуваат од здружението.

Оттаму посочуваат дека случувањата во судницата, како што велат, не ги обесхрабруваат, туку дополнително ги мотивираат уште погласно да бараат вистина и одговорност.

„Она што деновиве го гледаме во судницата – расправи, провокации и обиди вниманието да се оддалечи од суштината – не нè обесхрабрува. Напротив, ни е дополнителна мотивација уште поистрајно да бараме вистина и правда“, велат од здружението.

Од „16-ти март 2025“ упатија повик до граѓаните да им се придружат на маршот.

„Секој чекор е спомен за нашите деца и порака дека тие нема да бидат заборавени, а нашето барање за правда нема да замолкне“, порачуваат од здружението. објави Скопје1.мк

Back to top button
Close