Лукаревска: Оптимизацијата на ВМРО носи неизвесност, страв и отпуштања за наставниците

Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, во собраниската расправа за измените на законите за основно образование оцени дека Владата наместо вистинска образовна реформа спроведува нетранспарентен процес кој создава страв, неизвесност и сериозни последици за наставниците, учениците и руралните средини кои ќе значат отпуштања од работа.
„Во вашата програма 1198 стоеше дека идната влада на ВМРО ќе креира национална образовна стратегија донесена со општ консензус која ќе ги вклучи сите чинители во образовниот и научниот процес… Овде нема ништо од ова коешто го ветувавте. Токму овој процес е направен без било каква инклузивност, без било каква дебата, размена на мислења, ставови, консултации со стручната фела.” рече Лукаревска.
Таа предупреди дека најавената оптимизација ќе донесе затворање на училишта, намалување на работните места и дополнително иселување од руралните средини.
„Кои се критиките коишто секојдневно стигнуваат од јавноста? Затворање или спојување на училишта, особено во руралните средини, намалување на работните места… Со ова ќе се намали и квалитетот на наставата и најбитно што е еден поразителен процес во нашата држава во моментов, а ќе се засили иселувањето и во иднина. Наместо технолошки вишок на наставниците, фокусот треба да ни биде модернизација, дигитализација и подобрување на квалитетот на наставата… Ќе се сведеме со поделба на наставниците на подобни и на неподобни, на заслужни и на незаслужни. Ќе решаваме човечки судбини, ќе правиме лото.” рече Лукаревска.
Како пример за контрадикторностите на Владата, Лукаревска посочи дека во исто време се најавува затворање паралелки, а се градат нови училишта.
„Во Општина Струмица се најавува прва фаза на оптимизација или во превод затворање на паралелки, намалување на број на часови и огромна неизвесност кај наставниците… Другата реалност е дека се најавува ново училиште во Карпош. Ако има потреба од оваа непопуларна реформа, бидејќи нема доволно ученици и има вишок наставнички кадар, зошто тогаш се отвора и ново училиште?” додаде таа.
Таа предупреди дека едногодишниот период на прераспределување создава огромен страв кај наставниот кадар.






