Полска предупредува на можни руски провокации на источното крило на НАТО


Полското државно раководство предупредува дека постои зголемен ризик од руски провокации долж источното крило на НАТО, изјави директорот на полската надворешна разузнавачка служба, полковник Павел Шота.

– Гледаме како се развива ситуацијата во Украина и дека војната во моментов не се одвива во корист на Русија. Тоа ја зголемува загриженоста дека Москва би можела дополнително да ја ескалира состојбата – изјави Шота за весникот „Жечпосполита“.

Според него, ограничен напад врз некоја од балтичките држави би можел да биде изведен со таканаречените „мали зелени луѓе“, термин што се користеше за неозначените руски војници кои во 2014 година го презедоа Крим.

– Русија систематски ги поместува црвените линии за да ја тестира реакцијата на НАТО. Цената на таквите провокации е мала, а Алијансата главно реагира политички, што ја охрабрува Москва на понатамошна ескалација – рече Шота.

И полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски минатата недела предупреди на можни руски операции под лажно знаме.

– Треба јасно да му ставиме до знаење на Владимир Путин дека знаеме што се обидува да направи, дека нема да бидеме измамени и дека ќе го браниме секој сантиметар од територијата на НАТО – изјави Сикорски за американската телевизија Си-Би-Ес.

Рускиот претседател Владимир Путин и други руски претставници повеќепати тврдеа дека Русија нема намера да нападне територија на НАТО. Сепак, разузнавачките и воените служби на повеќе земји-членки на Алијансата предупредуваат на можност од натамошна ескалација, иако нивните проценки се разликуваат во однос на временската рамка и можниот обем на таквите активности.

Back to top button
Close