„Аксиос“: Договорот меѓу САД и Иран ги усложни разговорите меѓу Израел и Либан

Четиридневните разговори меѓу Израел и Либан во Вашингтон беа дополнително усложнети поради неодамнешниот договор меѓу САД и Иран, објави порталот „Аксиос“, повикувајќи се на неименувани официјални претставници.
Според извештајот, целта на САД била да се намали влијанието на Хезболах и Иран во Либан, но сите страни признаа дека пошироката визија за траен мир можеби никогаш нема целосно да се реализира.
Разговорите беа искомплицирани поради неодамнешните договори меѓу САД и Иран постигнати во Швајцарија.
Иран обезбеди меморандум за поддршка на прекин на огнот и зачувување на територијалниот интегритет на Либан, како и план за формирање нов механизам за координација во кој би учествувале либански, пакистански и катарски посредници.
Израелските и либанските претставници оценија дека таквиот аранжман го зајакнува Хезболах и ја легитимира улогата на Иран. На отворањето на разговорите, израелскиот амбасадор Јехиел Лајтер новите американско-ирански договори ги нарече „целосна катастрофа“.
И либанските претставници побараа дополнителни појаснувања, при што еден извор изјави дека „Либанците беа затечени“. Иако американските посредници инсистираа целта да биде израелско-либански договор без надворешно мешање, еден американски функционер призна дека првиот ден од разговорите бил „многу тежок“.
Преговорите продолжија по одделни политички и безбедносни колосеци, со фокус на рамковен договор, безбедносен анекс и израелско повлекување од две пилот-зони.
По одреден напредок во средата, разговорите повторно западнаа во ќор-сокак во четвртокот поради условите за повлекување на израелските сили, по што израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и либанскиот претседател Џозеф Аун побараа дополнително време.
Американскиот државен секретар Марко Рубио, потпретседателот Џеј Ди Венс и други високи американски претставници ги засилија дипломатските напори, нагласувајќи дека претседателот Доналд Трамп сака договорот да биде финализиран до крајот на неделата.
Вашингтон предложи две измени во текстот на договорот, меѓу кои израелско повлекување од едно село во јужен Либан што сè уште е под израелска контрола, како и јасна формулација дека тоа ќе биде почеток на поширок процес на повлекување од Либан.
Предлогот предизвика остра телефонска расправа, при што амбасадорот Лајтер го повика Нетанјаху да ги прифати измените. Подоцна тој изјави дека ваквите консултации се „вообичаени“, а несогласувањата се „природен дел од преговарачкиот процес“.
„За време на еден од разговорите беше водена професионална, суштинска, а во одредени моменти и остра дискусија, при што беа изнесени различни ставови за тоа како најдобро да се максимизираат резултатите од преговорите, без да се загрозат виталните интереси на Израел“, изјави Лајтер.
И покрај длабоката меѓусебна недоверба, еден од изворите оцени дека двете страни на крајот сфатија дека мора да постигнат договор за да ја задржат контролата врз процесот и да не му дозволат на Иран дополнително да го прошири своето влијание.






