Сибиха: Наводните „Енкориџ“ договори меѓу Трамп и Путин сега се мртви

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха денеска изјави дека сите наводни договори меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, постигнати на самитот во Енкориџ минатата година, сега секако се мртви.
„Реалноста јасно покажува едно: ако некогаш постоел ‘духот на Енкориџ’, тој сега сигурно е мртов“, напиша Сибиха на социјалната мрежа Икс, отфрлајќи ги руските тврдења за наводните договори постигнати на самитот во август 2025 година.
Тој ја повика Москва да престане да верува во духови и наместо тоа да одговори на сериозните предлози на Украина за седнување на преговарачка маса со цел да му се стави крај на војната.
„За Русија, лекцијата од Енкориџ е дека секој мировен план создаден без Украина е осуден да стане дух и да исчезне“, порача Сибиха.
Во последните денови руски претставници ги обвинија САД дека се оддалечуваат од, како што наведуваат, договорите постигнати на средбата во Алјаска.
Американскиот државен секретар Марко Рубио во четвртокот ги отфрли тие тврдења, нагласувајќи дека не бил постигнат никаков договор меѓу Москва и Вашингтон.
„Во Алјаска беше изнесен предлог, но не беше постигнат договор. Да имаше договор, војната ќе беше завршена“, изјави Рубио.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров неговите изјави ги оцени како недипломатски и повика на дополнително разјаснување на целата ситуација околу улогата на САД како посредник во војната.






