Полска: Разговорите со САД за постојана воена база влегоа во нова фаза

Разговорите меѓу Полска и САД за воспоставување постојана американска воена база на полска територија влегоа во нова фаза, изјави денеска полскиот министер за одбрана Владислав Косињак-Камиш.

Тој на социјалната мрежа Икс наведе дека Пентагон спроведува анализа на распоредот на силите, откако американскиот министер за одбрана Пит Хегсет позитивно одговори на предлогот на Варшава.

„По позитивниот одговор на американскиот секретар за одбрана на мојот предлог, преминавме во следната фаза од разговорите. Во Пентагон е во тек анализа на силите, која ќе послужи како основа за натамошните одлуки“, напиша Косињак-Камиш.

Тој оцени дека зголеменото американско воено присуство ќе значи посилно одвраќање и поголема безбедност за Полска.

На почетокот на месецов Косињак-Камиш соопшти дека официјално предложи формирање постојана американска воена база во Полска, нагласувајќи дека Варшава ќе направи сè за да го зголеми присуството на американските трупи, објави ТВП Ворлд.

Во моментов во Полска се распоредени околу 10.000 американски војници, од кои поголемиот дел се на ротациска основа.

Предлогот доаѓа во време кога европските држави ги преиспитуваат своите безбедносни аранжмани поради неизвесноста околу долгорочната американска воена посветеност кон Европа.

Во мај Пентагон најави повлекување на околу 5.000 американски војници од Германија, а минатиот меседминистрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп накратко го запре планираното распоредување на околу 4.000 војници во Полска. Подоцна Трамп објави дека наместо тоа во земјата ќе бидат испратени дополнителни 5.000 американски војници.

Полскиот претседател Карол Навроцки ја поддржа идејата за продлабочување на одбранбената соработка со Вашингтон, оценувајќи дека САД треба да останат главен безбедносен партнер на Полска.

Back to top button
Close