Османи: Европскиот глас на Албанците во Владата е сведен на едно големо ништо, а тоа ништо се вика Влен
Тој смета дека наместо државата да биде лидер во регионот во спроведувањето на реформите и користењето на европските фондови, денес „сведочиме на доцнења, недоволна реализација и отсуство на вистинска реформска волја“
На новинарско прашање да даде коментар за најавената реконструкција на Владата, Османи рече дека изминатите две години јасно ги покажале вистинските намери на владејачкото мнозинство и смета дека персоналните промени нема да донесат никаков пресврт за Албанците
Од Демократската унија за интеграција (ДУИ) сметаат дека најголем неуспех на ВЛЕН е неуспехот на европската идеја и начинот на кој тој неуспех им штети на Албанците.
На денешната прес-конференција во рамките на серијалот „Две години понижување – Влен ништо“, потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, рече дека Влен пред граѓаните ветила брзи резултати на патот кон Брисел во првите шест месеци од владеењето со ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, но реалноста по две години покажала разочарувачки биланс без ниту еден суштински чекор кон ЕУ.
„Претседателството на Ирска со Европската Унија воопшто не ја споменува нашата држава во својата агенда. Министрите на Влен задолжени за европските прашања немаат реализирано ниту една посета на европските престолнини. Особено загрижува фактот што и историската можност што ја понуди Планот за раст на Европската Унија остана во голем дел неискористена“,рече Османи.
Тој смета дека наместо државата да биде лидер во регионот во спроведувањето на реформите и користењето на европските фондови, денес „сведочиме на доцнења, недоволна реализација и отсуство на вистинска реформска волја“.
Како клучен доказ за неуспехот на ВЛЕН како политички претставник во извршната власт, потпретседателот на ДУИ се повика на последниот извештај на Европскиот парламент, каде што се нотирани слабости во меѓуетничките односи.
„Особено значајно е што Европскиот парламент побара институциите да обезбедат целосно почитување на јазичната еднаквост. Кога Европскиот парламент е принуден да ги потсетува институциите во државата да ги почитуваат веќе стекнатите права на Албанците, тогаш тоа е најсилниот доказ за неуспехот на Влен како политички претставник во Владата“рече Османи.
Во истата насока, додаде тој, Европскиот парламент изразува сериозна загриженост и за зголемените надворешни влијанија кои ја оддалечуваат државата од нејзината европска ориентација.
Од ДУИ порачуваат дека со ваквите политики Северна Македонија го губи статусот на пример за успешно мултиетничко општество, а стратешката насока на државата повторно се доведува во прашање.
„Ова претставува целосен пораз за нас Албанците. Додека ги губиме стекнатите права во многу области, европскиот глас на Албанците во Владата е сведен на едно големо ништо. И тоа ништо има име. Тоа име е Влен. Албанците не гласаа за ова и на следните избори, кога и да се одржат, Албанците ќе го променат тоа“,додаде Османи.
На новинарско прашање да даде коментар за најавената реконструкција на Владата, Османи рече дека изминатите две години јасно ги покажале вистинските намери на владејачкото мнозинство и смета дека персоналните промени нема да донесат никаков пресврт за Албанците.
„Изминатите две години се виде дека програмска определба на оваа Влада се три прашања – блокирање на европскиот пат, унилатерална ревизија на мировниот Охридски договор и непочитување на волјата на албанскиот народ. Така да, каква и да е распределбата, кои и да се тие министри што ќе бидат именувани или разрешени, тие се во функција или на извршители или на адвокати на оваа програмска определба. А, бидејќи ја немаат волјата на Албанците, која било распределба и именување ќе биде волја на премиерот и на македонската политичка партија во Владата и тоа нема да се одрази на волјата на Албанците“,одговори Османи.






