Меџити: Се отвора патот за реализација на третата фаза од плоштадот „Скендербег“

Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, информираше дека Владата ја донесе одлуката за пренос на сопственоста на земјиштето на плоштадот „Скендербег“ на Општина Чаир, со што, како што рече, се отстранува последната административна пречка за реализација на третата фаза од проектот за изградба на овој плоштад.
Според Меџити, со оваа одлука се создадени сите предуслови за отворање на постапката за јавна набавка и започнување на градежните работи за заокружување на еден од најзначајните проекти за Албанците во Скопје.
-Со одлуката на Владата се отстранува последната административна пречка и се отвора патот за реализација на третата фаза од плоштадот „Скендербег“. Сега се создадени сите услови многу брзо да започне постапката за јавна набавка и реализацијата на овој значаен проект, изјави Меџити.






