Тошковски и Дачиќ од Табановце ја почнаа кампањата „Вози одморен“: Заморот зад воланот е тивок убие

Во пресрет на летната туристичка сезона, македонските и српските институции ја започнаа првата заедничка превентивна кампања „Вози одморен“, чија цел е да ја подигне свеста кај возачите за опасностите од заморот зад воланот и да придонесе за поголема безбедност на патиштата.

Кампањата денеска официјално беше означена на граничниот премин Табановце од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот, Горан Ангеловски, министерот за внатрешни работи на Србија Ивица Дачиќ и вршителот на должноста директор на српската Агенција за безбедност во сообраќајот, Бранко Стаматовиќ.

Акцијата е насочена кон возачите кои во текот на летото патуваат по Коридорот 10, од Табановце до Богородица, кога значително се зголемува бројот на возила и ризикот од сообраќајни несреќи.

Тошковски истакна дека заедничката иницијатива претставува уште една потврда за добрата соработка меѓу Македонија и Србија и испраќа јасна порака дека превенцијата е најдобриот начин за зачувување на човечките животи.

„Возачите кои во овие жешки денови тргнуваат на подолги патувања треба да бидат одморени, да прават пауза на секои два до три часа во траење од најмалку 15 минути, да внесуваат доволно вода и да ги почитуваат сообраќајните правила, особено ограничувањата на брзината. Најголем број од сообраќајните несреќи се случуваат поради замор или неприлагодена брзина. Ако со оваа кампања спасиме барем еден човечки живот, тогаш таа ја исполнила својата цел“, изјави Тошковски.

Тој потсети дека по воведувањето на системот „One Stop“ со Србија, времето на чекање на граничниот премин Табановце е значително намалено и покрај тоа што бројот на патници е зголемен за 15 до 20 проценти.

Министерот упати и апел до сите домашни и странски возачи кои се движат по Коридорите 8 и 10, нагласувајќи дека системот „Безбеден град“ веќе функционира и ги регистрира сите сообраќајни прекршоци.

„Секој прекршок направен по пуштањето на системот во употреба на 1 февруари 2026 година ќе биде евидентиран и санкциониран, без разлика дали возилото има македонски или странски регистарски таблички. Наскоро ќе започне и практичната достава на казните за возачите со странски регистарски таблички, а тоа ќе започне токму од овој граничен премин“, нагласи Тошковски.

Српскиот министер Ивица Дачиќ оцени дека кампањата е пример за успешна регионална соработка и порача дека заштитата на човечките животи останува најважниот приоритет.

„Апелираме до сите возачи да патуваат одморени и одговорно, особено кога се упатуваат на подолги летни патувања. Најважно е секој да пристигне безбедно на својата дестинација“, рече Дачиќ.

Во рамките на акцијата, на возачите кои поминуваа низ граничниот премин Табановце им беа поделени шишиња вода, едукативни летоци со совети за безбедно возење и информативен материјал за превенција од сообраќајни незгоди предизвикани од замор.

Кампањата е дел од заедничките активности на македонските и српските институции за подобрување на безбедноста во сообраќајот и намалување на бројот на сообраќајни несреќи за време на летната сезона

Back to top button
Close