Ѓорѓиевски: Кризниот штаб и екипите на јавните претпријатија се на терен и се справуваат со последиците од невремето

Поради силното невреме кое во текот на денешниот ден го зафати Скопје, Кризниот штаб на Град Скопје, заедно со службите и јавните претпријатија, е целосно мобилизиран и подготвен за брза интервенција на терен, доколку има штети, поплави или потреба од итна реакција, објави скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски на својот фејбук профил.

-Во постојана координација сме со ЦУК, МВР, ЕВН, Противпожарната бригада на Град Скопје и сите надлежни институции.
Сите капацитети се ставени во функција, со една цел навремена заштита на граѓаните и спречување на поголеми последици. Екипите на Град Скопје ќе бидат на располагање во текот на целата ноќ и ќе интервенираат секаде каде што ќе биде потребно. Не можеме да го запреме невремето, но можеме организирано, одговорно и заеднички да спречиме поголеми штети, стои во објавата на Ѓорѓиевски.

Тој ги повикув граѓаните на внимателност, смиреност и соработка со надлежните служби, кои, како што вели, се на терен.

Главниот град околу 14:30 часот го зафати големо невреме проследено со обилни врнежи од дожд, електрични празнења и засилен ветер. Во делови од градот, особено во централното градско подрачје паѓаше и силен град. Голем дел од булеварите и подвозниците се поплавени, а има и паднати семафори и дрвја. На местата каде што има поплави полицијата го затвора сообраќајот и го пренасочува по алтернативни улици. Граѓани јавуваат дека има поплавени куќи во близина на цементарницата „Усје“. Таму сообраќајот е во прекин.

Back to top button
Close