ЗОШТО ВО СДСМ, ЗАТОА ШТО НЕ ПРАВАМ КОМПРОМИС ОКОЛУ ИДНИНАТА


м-р. Глигор Стоименов

Не беше потребно многу време за да се разбереме со претседателот на СДСМ и лидер на опозицијата Венко Филипче!!

Не го познавам од многу одамна, но исклучително го почитувам уште од времето на Ковид кризата како неуморен, посветен и чесен политичар, министер каков што Македонија немала до тогаш. Денес го гледам дека е исто таков, неуморен, одговорен, а секако и загрижен за се она што се случува со државата. По кратки консултации ја прифатив неговата покана да се приклучам на СДСМ и на Фронтот кој го предводи тој. Мотивот кој ме водеше кон оваа одлука е тоа што оваа политичка партија и овој лидер не се спремни да прават калкулации или компромиси околу иднината на нашата земја, туку се спремни да ја поразат и делегитимираат оваа пропадната политика која не носи во амбис сите заедно, а токму СДСМ е единствената политички организирана сила која може да го направи тоа!! Се друго се празни муабети и сите оние кои вистински сакаат да застанат во битка за нашата иднина, битка за правда и демократија, за европска Македонија, сите оние кои се вистинска опозиција, сите тие треба да се наредат под ова знаме! Оние пак другите кои мислат дека се опозиција ама сакаат да и држат и лекции на опозицијата во исто време, имаат една и единствена забелешка дека многу се зборувало за Европа и за уставните измени, требало помалку?? Би сакал да ги прашам, а за што треба да зборува опозицијата?? Ова се празни забелешки и аргументи, но и тие ако се вистинска опозиција нека се наредат под ова знаме!!

Пред десетина години напишав и сега ќе повторам, СДСМ во однос на ВМРО-ДПМНЕ е сепак поим за демократска партија!! СДСМ е државотворна партија која на штета на својот политички рејтинг направи многу тешки компромиси, носеше многу тешки одлуки, многу пати водеше политика спроти ветрот за да може сега Македонците да имаат своја држава и гордо да седат во Брисел на иста маса со најсилните и најголемите. Нашиот народ мора да знае дека за опстанок на државата и нацијата мора да се носат и тешки одлуки кои се спротивни на волјата на мнозинството, се друго е само гол популизам кој веќе го гледаме на големо!!

ВМРО-ДПМНЕ тоа никогаш не го направи, односно никогаш не носеше тешки одлуки!! Тие никогаш не дадоа ниту една жртва пред “олтарот на татковината“, едноставно само го трошеа буџетот во различни временски периоди, чист популизам, сокривајќи се зад големите букви во Македонската историја, ВМРО!!

Така држава не се води.

Зошто сум силно мотивиран?

Почитувани, во изминатиов период од десетина години, со моите јавни настапи, објавени текстови, стручни анализи и колумни се обидував да покажам како е да се биде одговорен пред јавноста и пред својот народ. Така беше и кога имав политички ангажман. Никогаш не правев калкулации и компромиси околу фактите и вистината. Најголема сатисфакција од секогаш ми беше кога на улица случајно ќе сретнев некој од моите поранешни професори и со некое воодушевување ќе ми речат “Те читам одличен си“!! Нормално, секогаш имало поддржувачи кои ме тапкале по рамо, но имало и критичари и “плукачи“ особено по социјалните мрежи, но сето тоа сум го прифатил како составен дел на оваа работа.

Но во ова време “невреме“, кога сериозно е доведена во прашање иднината на нашата земја, иднината на нашите деца, на сите нас, едноставно чувствувам дека веќе не можам да дадам голем придонес доколку останам само на моите текстови и стручни анализи затоа што пропагандата на владејачката партија е ставена на “најјако“, секако не со аргументи туку со злоупотреба на емоциите на нашиот народ (лажна одбрана на идентитетот) нешто што не е видено до сега!

Токму затоа, кога е најтешко треба да излезете на мегдан и да ги победите!!

Почитувани, живееме во едно многу сложено и тешко време!!

Живееме во време кога се исвиркува нашата химна на фудбалски натпревар!! Ме навраќаат спомените во далечната 1990 година, на натпреварот Југославијав – Холандија, кога исто така се газеше по Југословенската химна, така почна и распадот на СФРЈ.

Што мислите, кој е виновен за тоа, за газење на Македонската химна, па нашата официјална политика, ами кој друг!

Живееме во време кога во Македонските градови се организираат политички настани за поддршка на туѓи претседатели од соседството и се формираат групи и контингенти за поддршка на митинзи во друга држава, ќе се сложите дека работата е забегана сериозно.

Во време кога од говорницата во Собранието се нарачуваат судски процеси, се нарачуваат обвиненија, закани кон лидерот на опозицијата, како да живееме во минатиот век, а не како да сме земја кандидат за ЕУ и членка на НАТО, жално и загрижувачки!!

Кога од владејачката партија ни соопштија дека нема преговори со ЕУ и цената ќе је плаќаме сите заедно, само не кажаа колкава е таа цена? Па еве веќе ја гледаме цената, последни во регионот по економски стандард и по висина на платите, едноставно кажано најсиромашна нација во регионот!!

Во време кога на граѓаните наместо европеизација им се нуди “србизација“ за да ги заштитела од “албанизација“ и “бугаризација“!! Во време кога од меѓународно призната држава и нација создаваат нација со “посебни потреби“, нација која некој треба да ја брани и да и го заштитува идентитетот на дневна основа!

Ова во светската политичка историја не се случило до сега!!

Па до кога вака?

Но вистината е дека за жал со процесот на “србизација“ ќе дојде до дезинтеграција на државата по сите основи. Знам дека е тешко да се води и управува со едно поделено и сложено општество по многу основи како што е нашето, но овие политички аматери од власта тоа не можат да го разберат. Они мислат, дека со некој квази патриотизам и пропаганда ќе ја чуваат државата и долго ќе владеат!! Одбраната на идентитетот која ни ја нудат и која им остана единствената алатка околу која мислат дека ќе лепат гласови и за која се држат како “слеп за стап“ е всушност најголемата измама до сега во независна Македонија!!

Не постои одбрана на идентитет на суверена и меѓународно-призната држава, така било и така ќе остане.

На никој не му треба нашиот идентитет!!

Почитувани, веројатноста оваа политика да се распадне ама буквално како пирамидална штедилница е доста голема.

Прашање е само на време!

На денот кога Црна Гора и Албанија ќе бидат пред вратите на ЕУ, а ние ќе бидеме “нигде за никаде“, морници ми проаѓаат кога ќе помислам што се може да се случува кај нас!! Токму затоа е потребно да се порази и делегитимира оваа политика!! Тоа нема да биде лесно, не затоа што овие се многу талентирани политичари, напротив, се работи за најслабата и најнеспособна кадровска понуда во самостојна Македонија!! Кадровска понуда која праќа многу лоша порака до сите нас, дека не мора да се трудите, не мора да бидете одличен ученик или студент, не мора да бидете чесни и воспитани, не Ви треба знаење, дојдете кај нас во партија и ќе бидете се што ќе посакате!! Тоа е пораката!! Тие само ги злоупотребуваат емоциите на нашиот народ и ништо повеќе. Оваа политика чија што единствена цел е да креира апатија кај македонскиот електорат, може да се порази само со една заедничка и масовна мобилизација на сите граѓани кои ја сакаат Македонија, кои немаат пасоши од други земји, кои сакаат да имаат иднина во својата земја за нив и за своите деца!! Денес владејачката партија која самата себе си се нарекува “најпатриотска“ тие биле “континуитет“ на историското ВМРО, а во исто време според нивниот прв претседател на партијата и основач на ВМРО-ДПМНЕ тие се сепак само еден срамен “дисконтинуитет“! Како што впрочем велат и самите основачи на партијата, ја претворија во “филијала на српската политика“ и со умисла го спречуваат Европскиот пат на нашата земја!!

Токму затоа ќе излеземе на мегдан и ќе ги победиме!!

Таа битка нема да биде лесна и праведна, ниту ќе се игра по правила. Ќе биде маратонска битка. Ќе излеземе само со силата на аргуметите од една страна затоа што друго немаме, а тие со целата нивна машинерија од другата страна, со сите нивни ботови и пропагандисти, лажни аналитичари, клиенти, партиски новинари и професори, сенилни амбасадори и слични ебиветровци, соработници на странски служби, со сите нив ќе се судриме и ќе ги победиме!!

Бидете убедени дека никогаш нема да правиме компромис околу иднината на нашата земја

Back to top button
Close