Пожарот во рафинеријата во јужна Русија изгаснат по три дена

Пожарот во рафинерија во јужна Русија, предизвикан од украински дрон, е изгаснат по три дена, соопштија денеска службите за итни случаи во Славјанск на Кубањ.

Официјалната потврда беше објавена во 15:30 часот кога службите за итни случаи од округот во Краснодарскиот крај соопштија дека „пожарот во рафинеријата ’Славјанск Еко‘ е целосно ликвидиран“, пренесе ДПА.

Украинските сили ја нападнаа рафинеријата во ноќта меѓу саботата и неделата. Сликите и видеата објавени на социјалните мрежи прикажуваа голем пожар во рафинеријата. Гувернерот на Краснодар, Венијамин Кондратјев, ги потврди штетите.

Рафинеријата во Славјанск на Кубањ е една од десетиците цели во рускиот нафтен сектор кои Украина ги нападна во изминатите месеци, со цел да го погоди снабдувањето со гориво за руските сили и да го поткопа финансирањето на војната.

Како резултат на овие напади, руското производство на гориво е значително намалено. Секојдневно се формираат долги редици на бензинските пумпи кои сè уште им продаваат бензин на возачите.

Back to top button
Close