Разговори за иднината во 12:05“ – членови на СДСМ и активисти повикуваат на широк опозициски потенцијал за промени

Под името „Разговори за иднината во 12:05“, денеска е промовирана нова демократска платформа со цел подигнување на нивото на општествената дебата во земјава. Времето на часовникот испраќа јасна порака – веќе е доцна, но не смееме да дозволиме да стане предоцна за Македонија, се вели во соопштението испратено до медиумите.

Како што се наведува, првата сесија се одржала зад затворени врати почитувајќи го традиционалното демократско начело „Chatham house rules“. На неа биле собрани учесници поделени во три неформални групи на општествени чинители: влијателни граѓански активисти кои никогаш не биле партиски членови, гласни актуелни опозициски вршители на јавни функции и истакнати припадници на различни генерации на СДСМ.

Од платформата велат дека на прогресивната демократска јавност ѝ е потребна суштинска и објективна дебата, која мора да биде ослободена од вообичаената потреба за допадливост кон партиските лидери.

„Граѓаните денес живеат во реалност каде власта е неефикасна, а за свој наводен политички противник свесно си избира ‘виртуелна опозиција’. Сите истражувања на јавното мнение укажуваат дека македонската политичка сцена нуди, на едната страна силна владејачка партија и коалиција, а на другата страна смислено фрагментирана опозиција“,се дел од заклучоците што се наведени во соопштението.

Според учесниците, опозицискиот простор не треба да се пополнува со формирање нови партии, туку со длабока идеолошка и вредносна револуција.

Тие сметаат дека на Македонија ѝ е потребен нов општествен договор како основа за создавање широк опозициски потенцијал кој ќе донесе промени.

„Демократските процеси на оваа платформа продолжуваат со цел изнаоѓање одржливи и спроведливи решенија за иднината“,

се додава во соопштението.

Модератор на дебатата бил Игор Ивановски, а меѓу потписниците и учесниците на оваа иницијатива се социјалдемократи, правници, професори и активисти, меѓу кои се Андреј Петров, Гордан Георгиев, Емилијан Станковиќ, Никола Ќуркчиев, Александар Бајдевски, Славјанка Петровска, Сашко Митревски, Моника Зајкова, Ненад Марковиќ, Предраг Трпевски, Звонко Давидовиќ, Валентин Пепељугоски, Љубомир Гајдов, Ивор Мицковски, Милена Стевановиќ, Ема Нешковска, Стојко Пауновски, Костадин Ацевски, Драган Анастасов, Диме Велковски, Коста Начевски, Насе Насев, Бојан Столевски, Митко Андреевски, Милена Цветановска, Сретен Богоевски и Горан Стојковски-Диро, кој учествувал со писмено обраќање.

Back to top button
Close