„Мицкоски по насилното укинување на техничката Влада, сега сака да воведе систем за масовна кражба на гласови“, вели СДСМ
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија преку соопштение обвини дека предложените измени на Изборниот законик отвораат можност за сериозни злоупотреби во изборниот процес, оценувајќи дека власта се обидува да воведе модел на електронско гласање без доволни механизми за контрола.

Од партијата велат дека по укинувањето на техничката Влада, премиерот Христијан Мицкоски продолжува, како што наведуваат, со потези што водат кон концентрација на моќ, а сега се обидува да протурка закон со кој, според нив, околу 200.000 гласови од дијаспората би останале без соодветна проверка.
СДСМ посочува дека граѓаните кои гласаат во земјава поминуваат низ строги процедури за идентификација, вклучително и проверка на лични документи, потпис во избирачкиот список и биометриска идентификација, додека предложениот модел за електронско гласање, според нив, не нуди исти гаранции за сигурност.
Во соопштението се наведува дека ВМРО-ДПМНЕ има историја на изборни злоупотреби, а СДСМ потсетува и на истрага во Соединетите Американски Држави поврзана со наводна кражба на гласови, при што, како што тврдат, биле споменати сервери во сопственост на српска компанија.
Партијата понатаму ги споменува, како што наведува, блиските односи меѓу Мицкоски и српскиот претседател Александар Вучиќ, користењето на исти платформи за активности на социјалните мрежи, сопственичката структура на дел од медиумите во Македонија, како и плановите за изградба на центри за обработка на податоци.
Според СДСМ, сите овие околности отвораат сериозни сомнежи за вистинската цел на предложените измени на Изборниот законик, поради што партијата најавува дека нема да поддржи законско решение кое, според нив, не обезбедува фер и транспарентен изборен процес.
Воедно, од СДСМ ги отфрлаат тврдењата дека Мицкоски нема амбиција за понатамошно политичко дејствување, оценувајќи дека начинот на кој управува со партијата и Владата, според нив, укажува на авторитарен стил на владеење.






