Поплавени подруми и деловни објекти по невремето во Куманово, службите интервенираа на повеќе локации
Обилните врнежи од дожд што вчера го зафатија Куманово предизвикаа поплавување на подрумски простории и навлегување вода во станбени и деловни објекти на повеќе локации во градот. Надлежните служби информираат дека интервенциите се завршени, состојбата е стабилизирана. Во Општина Куманово беа евидентирани повеќе пријави за поплавени подруми и навлегување вода во објекти, при што е причинета материјална штета.

Според информациите на Регионалниот центар за управување со кризи Куманово, поплавени биле подрумски простории на семејни објекти, продавници. Меѓу пријавените се семејни објекти на улиците „Моша Пијаде“,„Бајрам Шабани“ булеварот „Октомвриска револуција“, во близина на Тутунска банка. На булеварот „Трета МУБ во подрумските простории навлегла вода со висина од околу еден метар, додека вода навлегла и во објекти на улиците „Веселин Маслеша“, „Гоце Делчев“ на „11 Октомври“Интервенција имало и кај „Трета МУБ“ каде екипите работеа до вечерните часови. Поплавување беше пријавено и на улицата „ЈНА“ кај трговски центар. Во расчистувањето на последиците интервенираа екипи на Територијалната противпожарна единица Куманово, ЈП „Чистота и зеленило“, ЈП „Водовод“, ТППЕ Куманово, и ЕВН. Екипите извршија испумпување на водата, расчистување на погодените локации и презедоа мерки за нормализирање на состојбата. Од општинските служби соопштија дека во моментов нема активни поплавени локации и дека состојбата е стабилизирана, но надлежните и понатаму ја следат ситуацијата.

Веднаш по намалувањето на интензитетот на врнежите започна и расчистување на наносите од чакал и песок од улиците, како и чистење на шахтите и каналетите. Градоначалникот Максим Димитриевски вчера информираше дека по завршувањето на овие активности ќе следува темелно чистење на сообраќајниците и санирање на погодените градилишта. На локациите каде што дошло до излевање на фекална канализација, ЈП „Чистота и зеленило“ спроведе миење и дезинфекција на улиците. Граѓаните, пак, повторно укажуваат дека при секои пообилни врнежи се јавуваат истите проблеми на неколку критични точки во градот, особено во деловите каде што недостасува атмосферска канализација или постојната инфраструктура нема доволен капацитет да ја прими големата количина вода.






