Таравари: Албанците се за уставни измени, македонскиот политички фактор треба да постигне консензус
Во интервју за PressOnline.al, претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, зборуваше за процесот на европска интеграција на Северна Македонија и условите за започнување на преговорите со Европската Унија.

Тој истакна дека уставните измени се неопходен чекор без кој не може да започнат официјалните преговори со ЕУ, нагласувајќи дека нема друга алтернатива за напредокот на земјата кон европското семејство.
Според Таравари, сите експоненти на Европската Унија јасно порачуваат дека уставните измени се клучен услов за отворање и завршување на преговарачкиот процес.
Тој додаде дека албанските политички партии генерално го поддржуваат овој процес и се за уставни измени, додека консензусот, според него, треба да се постигне во рамките на македонскиот политички фактор.
„Македонските политички партии треба да седнат и да се договорат меѓу себе што точно сакаат и како ја гледаат иднината на државата“, порача Таравари, додавајќи дека без таков внатрешен договор напредокот кон ЕУ ќе остане блокиран.






