МВР распиша оглас за прием на 200 ученици во Средното полициско училиште „7-ми Мај

Министерството за внатрешни работи распиша јавен повик за прием на 200 редовни ученици во Средното полициско училиште „7-ми Мај“, кое функционира во рамки на Полициската академија. Право на пријавување имаат ученици кои ја завршиле втората година од средното образование и ги исполнуваат законски утврдените услови.

Кандидатите треба да бидат државјани на Република Северна Македонија, да немаат наполнето 18 години на денот на објавувањето на јавниот повик, активно да го користат македонскиот јазик и да бидат здравствено и психофизички способни.

 

Покрај општите услови, потребно е кандидатите да имаат најмалку добар успех во прва и втора година средно образование, да немаат изречени педагошки мерки, да ги исполнат критериумите за моторички способности, успешно да положат општообразовен тест и да поминат интервју.

 

Пријавувањето ќе трае 15 дена, а документите се поднесуваат во секторите за внатрешни работи и полициските станици определени во јавниот повик, секој работен ден од 8 до 16 часот.

 

 

Селекцијата ќе се одвива во три фази – проверка на физичката подготвеност, писмен тест со 40 прашања и интервју. Кандидатите ќе бидат рангирани според вкупниот број освоени бодови, по што Комисијата ќе ја објави конечната ранг-листа на примени ученици.

 

За учениците кои ќе бидат примени, Министерството за внатрешни работи обезбедува сместување во ученички дом во рамки на Полициската академија, исхрана и работна облека.

По успешно завршување на четиригодишното образование, учениците ќе полагаат завршен испит согласно Законот за средното образование, а МВР ќе им заснова работен однос без јавен оглас на работно место – полицаец, во согласност со законските прописи.

 

 

Back to top button
Close