Ранетата срна од Кичевско доби шанса за живот — Бамби е вдомена во село, се дружи со јаре спасено од колење

Фото: Принтскрин / Фејсбук

Срната стара само два месеца, наречена Бамби, која минатата недела беше пронајдена во Кичевско со тешки повреди од нелегална стапица, засега нема да биде евтаназирана, информираат од Здружението за заштита на животни „Анимал рескју проект“

Срната, пронајдена во поле во Кичевско со тешки рани на нозете откако се фатила во стапица за диви свињи, сепак има исклучително лоши прогноси, но активистите велат дека ќе ѝ дадат уште малку време и ќе продолжат со терапија и преврски.

Срната била пронајдена од двајца работници на ЕВН во житно поле, со две речиси пресечени нозе, а третата тешко повредена. Според здружението, некој ја извадил од стапицата, но ја оставил да страда. Раните биле длабоки, отворени и полни со ларви.

Бамби најпрво била однесена на ветеринар во Кичево, каде добила антибиотска терапија, по што била пренесена во Скопје. Направени биле рендгенски снимки и повеќе консултации со ветеринари, меѓу кои и со експерти со искуство со диви животни.

Првично се сметало дека ќе биде потребна ампутација на една нога, но дополнителните прегледи покажале дека три нозе се практично неповратно оштетени.

„На Бамби не ѝ недостига дом, љубов или ветеринарна грижа. На Бамби ѝ недостигаат нозе“, велат од здружението, нагласувајќи дека станува збор за диво животно кое живее под огромен стрес.

Бамби е преместена на мирно место на село, каде ќе продолжи да прима терапија. Таму со неа е и мало јаре спасено од колење, а двете животни веднаш се зближиле.

„Анимал рескју проект“ им се заблагодари на луѓето од ЕВН, како и на стручните лица од ветеринарната амбуланта во Скопје кои се грижеле за срната.

 

Back to top button
Close