ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ и Левица со над 10.000 амандмани го блокираат Изборниот законик

Паднаа маските за коалицијата на Венко Заев и Апасиев. Со над 10 илјади амандмани, СДС и Левица свесно го блокираат носењето на новиот Изборен законик, закон на кој со месеци работеа политичките партии со цел да се постигне широк консензус, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ што МИА ви го пренесува во целост.

На Венко Заев и СДС не им одговара македонската дијаспора да добие можност да гласа по електронски пат. Причината е едноставна, затоа што Венко и СДС знаат дека ја изгубија довербата кај Македонците, и дома и надвор од државата. Затоа прават се за да го ограничат нивното демократско право на глас.

Истите тие кои со своите погрешни политики придонесоа илјадници граѓани да ја напуштат Македонија, денес сакаат токму тие луѓе да останат без полесен пристап до избирачкото право. Тоа е вистинското лице на СДС.

Апасиев и Левица уште еднаш покажаа дека нивниот единствен интерес не се граѓаните, туку парите. Иако сите нивни барања во преговорите беа прифатени, а се однесуваа на поголемо финансирање на политичките партии и изборните кампањи, денес тие го блокираат истиот закон што го договараа.

Очигледно е дека кога се во прашање личните и партиските интереси, СДС и Левица функционираат како едно. Заеднички поднесуваат илјадници амандмани, ја кочат реформата и создаваат политички хаос, само затоа што знаат дека ги очекува убедлив пораз на следните избори.

ВМРО-ДПМНЕ нема да се откаже од реформите. Ги повикуваме СДС и Левица да престанат со опструкциите, да ги повлечат бесмислените амандмани и да овозможат носење на Изборниот законик кој ќе обезбеди фер, модерни и поефикасни избори, вклучително и електронско гласање за македонската дијаспора.

Граѓаните заслужуваат функционален изборен систем, а не политички блокади создадени од партии кои стравуваат од волјата на народот.

ВМРО-ДПМНЕ

Back to top button
Close