Филипче за ребалнасот: Нема раст, нема повисоки плати, има само долгови и осиромашување на граѓаните


Нема раст, нема повисоки плати, има само долгови и осиромашување на граѓаните, обвини претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција, посочувајќи дека ребалансот на Буџетот, води кон нови задолжувања и дополнително осиромашување на граѓаните.

„Нема ниту економски раст, нема поголеми плати, има само уназадување. До крајот на годината ниту еден граѓанин не може да очекува подобрување на животниот стандард, туку напротив влошување, едноставно економијата тоне”, рече Филипче.

Тој потенцираше дека Владата, само шест месеци по носењето на Буџетот, признава дека клучните економски проекции се промашени, оценувајќи дека тоа е доказ за лошо планирање и управување со јавните финансии.

Филипче обвини дека наместо ветен економски раст и стабилизација, граѓаните добиле повисока инфлација и зголемен дефицит.

„Наместо ветена инфлација од 2,5%, граѓаните добија 4,5% инфлација. Значи двојна инфлација, што претставува дополнителен удар врз семејните буџети. Со новиот дефицит од над 110 милиони евра, се задолжуваат идните генерации. Ова е опасно и неодржливо задолжување”, потенцираше Филипче.

Филипче потенцираше дека нема сериозни реформи и рационализација на трошоците, додека граѓаните се соочуваат со сè повисоки трошоци за живот.

„Граѓаните плаќаат сè поголеми сметки, сè поскапа храна, едноставно трошоците за живот се сè поголеми. Ребалансот не е план за развој. Ребалансот е практично признание дека оваа влада лошо ја води економијата”, истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Back to top button
Close