Слободен печат: Внатрешна контрола проверува дали полицајците за тепаното девојче во Аеродром вратиле пријавител од станица со изговор дека „девојчето мора самото да пријави“

Внатрешната контрола во МВР се активираше за последниот случај со меѓуврсничко насилство во Аеродром каде девојче беше кубено за коса од страна на друго девојче, тепано со шлаканици, понижувано, натерано да коленичи додека ја снимаат десетина момчиња кои навиваат. Причината е во тоа што се проверува дали полицајците во ПС Лисиче постапиле согласно своите законски надлежности или пак ги пречекориле со несторување.
Во „Слободен печат“ дента кога ја добивме и објавивме снимката од бруталното тепање и изживување на девојчето, нашиот извор ни посочи дека претходната вечер ја однел истата снимка во ПС Лисиче, но полицајците на смена откако го изгледале видеото, му рекле „дека тој не е сведок на настанот“ и дека „девојчето самото требало да пријави“. Изворот тврди дека ниту бил легитимиран, ниту му бил земен записник, иако ликовите на сите на видеото биле видливи, и иако на видеото се слуша и името и презимето на девојчето што тепа.
Тој ни рече дека наишол на затворена врата, поточно, дека полицијата иако ја гледала снимката незамаглена, не се заангажирала да постапи. На снимката, потсетуваме, се слуша како девојчето е натерано од насилничката, да каже дека нема да го пријави настанот во полиција.
Ве информираме дека од страна на надлежните служби се преземаат сите неопходни проверки и активности со цел да се утврди дали од страна на полициските службеници биле преземени соодветни мерки и постапки согласно нивните законски надлежности, велат од МВР за „Слободен печат“.
Наредниот ден, 1 јули, снимката беше испратена во „Слободен печат“ и во други медиуми, објавена беше и стана вирална на социјалните мрежи, по што полицијата постапи по службена должност.
Текстот е преземен од Слободен печат






