Трамп на прославата за 250 години независност на САД: Нашата земја е под закана од комунисти и новодојденци

Со 30-минутен говор пред планината Рашмор, американскиот претседател Доналд Трамп се обрати на прославата по повод 250 години независност на Соединетите Американски Држави. Пред споменикот каде што се врежани главите на четворицата американски претседатели – Џорџ Вашингтон, Томас Џеферсон, Абрахам Линколн и Теодор Рузвелт, Трамп порача дека САД влегуваат во „нова златна ера“ и повика на зачувување на националниот идентитет и вредностите врз кои е основана државата.
„Стоиме под споменикот на овие херои, вистинска група неверојатни луѓе и повторно се посветуваме на тоа да бидеме нација голема, храбра, благородна и силна како овие американски гиганти. Не е лесно, но ќе го оствариме тоа“, рече Трамп.
Во обраќањето, Трамп предупреди на, како што рече, повторна појава на „комунистичката закана“ и кажа дека американскиот идентитет е „под напад од радикални идеологии“.
„Во нашата земја сега повторно се појавува комунистичката закана, вклучително и од новодојденци кои прифаќаат идеи што се целосно спротивни на нашиот начин на живот и на нашиот голем успех. Ова не се политички несогласувања за даноци или правила. Комунизмот е смртна закана за американска слобода, тоа е најголемата закана за нашата земја“, порача Трамп.
Тој истакна дека Соединетите Американски Држави никогаш нема да станат комунистичка држава и нагласи дека неговата администрација ќе продолжи да ги брани слободата, суверенитетот и традиционалните американски вредности.
Извор: fokus.mk






