Европската демократска партија по последниот масовен протест: Ова е демократско будење


– Албанската Европска демократска партија реагираше во врска со масовните протести што се одржуваат во Тирана против премиерот Еди Рама и неговата влада, посебно по синоќешниот, кој беше најмасовен до сега.

Во партиското соопштение се наведува дека граѓанскиот отпор е демократско будење, што повеќе не може да се игнорира од политичката класа.

Во својата реакција, Европската демократска партија ја истакнува извонредната масовност на протестите, која докажува дека ситуацијата во Тирана достигна критична точка за извршната власт, која продолжува да се оглушува на народниот бунт.

– Во 35-тата ноќ од протестите, Тирана беше сведок на најголемата излезност досега. Ова не е бучава, ова е демократско будење. Влада која одбива да се ангажира за своите граѓани го изгубила својот демократски компас, се истакнува во соопштението.

Европската демократска партија не ја поштеди од критики и актуелната опозиција, барајќи „длабока рефлексија од целиот политички спектар за достоинствено да одговори на чистиот глас на народот и дијаспората на плоштадот”.

– Опозицијата која не успева целосно да ги разбере и претставува нив (граѓаните) е исто така неспособна. На Албанија не ѝ требаат повеќе затворени врати, застарена политика или присилно молчење. И треба ново демократско поглавје: европско, транспарентно, храбро, одговорно и конечно достојно за својот народ, посочи Европската демократска партија.

Според албанските медиуми на синоќешниот протест имало повеќе од 300.000 албански граѓани и Албанци од дијаспората и соседните земји, главно од Косово.

Back to top button
Close