Ројтерс: Мала фабрика во Македонија им дава „нов живот“ на старите фудбалски дресови

Додека Светското фудбалско првенство е во полн ек, мала фабрика во Северна Македонија им дава „втор живот“ на старите дресови – ги преработува во чанти, капи и модни додатоци, пишува Ројтерс во сторија објавена за текстилна компанија од Штип. Компанијата „Депакон“ на креативен начин ги рециклира искористените материјали, кои наместо да завршат на депонија, добиваат нова намена.
Идејата започнала пред неколку години, кога со партнерската организацијата „ФЦ88“ воспоставиле контакти со фудбалски клубови и национални репрезентации, раскажува сопственикот на компанијата, Дејан Павиќ.
„Кога ќе се смени спонзорот или клубот ќе добие нов производител на спортска опрема, постојните дресови и друга спортска опрема ја губат својата комерцијална вредност и честопати, според договорните обврски, мора да бидат уништени. Пред неколку години, ФЦ88 воспостави соработка со овие клубови и им предложи, наместо да ја уништуваат неискористената спортска опрема, да ја предадат за понатамошна преработка. Наместо да заврши како отпад, материјалот се претвора во нови производи, добивајќи втор живот“објаснува Павиќ.

За една голема торба се потребни три дресови, а за една помала чанта се користат два пара шорцеви. За капче, на пример, употребен е еден пар шорцеви, објаснува Павиќ.
„Јасно се гледа дека во капата се вградени детали од оригиналните шорцеви, со што се зачувани препознатливите елементи од нивниот оригинален дизајн“,додава Павиќ.

Фото: Принтскрин
Моментно работат на колекција од дресови кои се носат на Светското првенство во фудбал и се подготвуваат за периодот по завршувањето на првенството.
„Кога ќе им објасните на луѓето дека по едно светско првенство остануваат околу 20 милиони парчиња текстилен отпад, тогаш почнуваат да ја сфаќаат вистинската големина на проблемот. Ние нудиме решение за тој предизвик и верувам дека досега нашата работа е исклучително добро прифатена“,вели Павиќ.







