93-годишник ја разнел куќата оти не сакал во дом за стари лица: Деветмина повредени во Виена


Девет лица беа повредени во силна експлозија на гас што се случи во текот на ноќта во виенската населба Флоридсдорф, јавуваат австриските медиуми.

Во експлозијата целосно е уништена семејна куќа на улицата Карл-Бенц-Вег, а оштетени се и повеќе околни објекти. Голема материјална штета е предизвикана и на паркирани автомобили, прозорци и други стаклени површини.

Според австриската телевизија ORF, шест лица се здобиле со полесни повреди, додека две лица, меѓу кои и 25-годишна бремена жена, биле пренесени во болница.

Меѓу повредените е и 93-годишниот жител на уништената куќа, кого специјални полициски единици со службени кучиња го пронашле под урнатините во подрумот. Тој се здобил со изгореници од втор степен и е хоспитализиран на одделот за интензивна нега.

Австриското државно обвинителство издало налог за негово апсење под сомнение дека намерно предизвикал опасност за луѓе и имот.

„Во текот на истрагата беше утврдено дека во куќата наводно биле манипулирани цевките за гас“, изјави портпаролот на виенската полиција, Филип Хаслингер.

Осомничениот во моментов се наоѓа во болница под полициски надзор, а ќе биде сослушан штом неговата здравствена состојба ќе го дозволи тоа.

Според австриските медиуми, 93-годишникот веќе две години бил во судски спор со својот посинок. Наводно, посинокот барал тој да го напушти семејниот дом и да се пресели во дом за стари лица, но осомничениот одбивал бидејќи имал право на доживотен закуп на имотот.

Следното судско рочиште било закажано за 8 јули, но по уништувањето на куќата останува неизвесно како ќе продолжи постапката.

Полицијата продолжува со истрагата за да ги утврди сите околности и причините за експлозијата.

Back to top button
Close