Деко преку синот дознавал кога ќе има инспекциски и полициски рации. Објавени телефонски дојави

На денешното рочиште во судскиот процес за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани беа презентирани листинзи од телефонските комуникации на првообвинетиот Дејан Јованов и неговиот син Михајло Јованов, кој е третообвинет во предметот.
Од презентираните докази, добиени од вештачењето на нивните мобилни телефони, произлегува дека Михајло Јованов во една од пораките го известил својот татко за полициска контрола во дискотеката, насочена кон присуството на малолетници.
Според презентираната комуникација, Дејан Јованов му одговорил: „Во ред, нека бидат присутни, многу ги има малолетници, ние, секако, фирмата ќе ја однесеме во стечај“.
На рочиштето била презентирана и комуникација која, според обвинителството, се однесува на дојави за инспекциски контроли од страна на Управата за јавни приходи во дискотеката. Станува збор за инспектори кои во моментов се предмет на истрага во Кочани, а за кои сè уште не е поднесено обвинение.
Според презентираните докази, ваквите комуникации се одвивале во период од околу пет години, од 2020 година, сè до трагичниот настан во 2025 година.






