Од доктор без стаж до министер на докторите – кој е Сашо Клековски

Кандидатот за министер за здравство, Сашо Клековски, дипломирал на Медицинскиот факултет при УКИМ и е доктор по професија, но нема ниту еден ден стаж во струката. Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, рече дека иако факултетот го завршил со висок просек (9,7), одлучил да не работи како доктор.
„Во основа, моето завршување на студиите беше во исклучително лоши услови, кога имавме класичен распад на здравствениот систем, кога физиолошки раствор се купуваше во аптека и се носеше во болница, и во такви услови не гледав како можам да помогнам. Се решив да отидам во друга општествена насока. Во истиот период, заедно со други соосновачи, го СОЗДАДОВМЕ Македонскиот центар за меѓународна соработка во 1993 година“,кажа Клековски за своето прво вработување.
Тој стана член нa Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во 2022 година. Иако и претходно бил дел од партијата, вели дека партиски активен е оттогаш. Единствено министерката Сања Божиновска е (ќе биде) со помал партиски стаж од него во Владата.
Клековски: Има и позитивни и негативни страни. Ќе го кажам тоа низ друг пример: тоа што сум доктор по медицина, а не сум работел во здравство… предноста е што разбирам што ми зборуваат здравствените работници, бидејќи го разбирам јазикот што го зборуваат. Од друга страна, тоа што не сум работел во здравство не ме направило член на ниедна група на интереси. Не сум со посебни интереси во хирургија, во Скопје, во Битола, во одредени фармацевтски кругови, туку сум надвор од таквите интереси. И во основа, тоа ми помага да имам поголема објективност во моите проценки. Нели, колку подолго сте во одреден контекст, социјален, секаков, расте вашата субјективност.
360°: А, во однос на партиската база?
Клековски: Секако, имав години активност што ми помогна да го разберам партискиот механизам. Бев координатор за Аеродром, Карпош, меѓутоа и за средини како Брвеница и Крушево, што ви дава можност да ги видите разликите и очекувањата. Иако, морам да кажам, јас запознавањето на Македонија го направив низ МЦМС, имам поминато преку 200 села низ Македонија, така што релативно добро ја знам земјата.
Toj сега е претседател на Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ и според партиските начела не може паралелно да членува и во Извршниот комитет.
360°: Значи, тоа што не сте член на Извршниот комитет не е уназадување на вашиот партиски статус?
Клековски: Како гледате… Значи во моментот кога престанав да бидам член на Извршниот комитет, бев избран за претседател на Комисијата за здравство.
Со владината реконструкција, Клековски од позицијата директор на Фондот за здравствено осигурување оди за министер во ресорот здравство. Ова е трето кадровско решение за оваа позиција во владата на Христијан Мицкоски, по министерувањата на Арбен Таравари и Азир Алиу.
Инаку, предлозите од премиерот за разрешување и избор на нови членови на Владата стигнаа во Собранието, а пленарната седница е закажана за идниот понеделник (13 јули).






