Бројот загинати во рускиот напад врз Киев се искачи на 18, кон Москва лансирани 430 украински дронови

Бројот загинати во рускиот напад врз Киев се искачи на 18 лица, а повредени се 56, јавуваат украински медиуми.
Според соопштение на украинската Државна служба за вонредни состојби објавено на „Телеграм“, спасувачките екипи и натаму работат на терен. Претходно беше соопштено дека во нападот загинале 16 лица.
Во текот на ноќта меѓу 5 и 6 јули, руските сили извршиле масовен напад врз Киев и неговата околина, при што биле употребени дронови и ракети.
Инаку, во меѓувреме официјална Москва соопшти дека Украина во текот на изминатата ноќ лансирала повеќе од 430 дронови кон руската престолнина.
Градоначалникот Сергеј Собјанин соопшти дека од синоќа до 6 часот утринава повеќе од 430 дронови летале кон Московската област, дека поголемиот дел биле пресретнати од противвоздушната одбрана на голема оддалеченост.
„При приближувањето кон Москва беа уништени 36 непријателски дронови“, објави Собјанин на социјалните мрежи.
Украински ракетни напади предизвикале најмалку една жртва и пожар на инфраструктурни објекти во руската Белгородска област која граничи со Украина, изјави вршителот на должноста гувернер на регионот, Александар Шуваев.






