И Камбовски смета дека дневниците на судиите поротници се несоодветни, очекува брзо решение од Правда 360степени | 7 јули, 2026 15:12

Претседателот на Судскиот совет, Александар Камобовски, ги поддржува барањата на судиите поротници, оценувајќи дека надоместоците што ги добиваат се несоодветни во однос на условите во кои работат и обврските што ги извршуваат во правосудниот систем.

Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски / Фото: Архива

Судиите поротници при Основниот кривичен суд Скопје вчера испратиле известување до Судот, во кое известиле дека од денеска започнуваат со мирен протест и нема да учествуваат на дел од судските расправи поради ниските дневници, проблем кој, според нив, трае со години, но никако да добие разрешница и покрај нивните барања упатени до Министерството за правда и Судскиот совет.

Камбовски денеска, одговарајќи на новинарско прашање во врска со протестот на судиите поротници, рече дека одржал повеќе средби со нивните претставници и дека Судскиот совет во целост ги поддржува нивните клучни барања.

Тој наведе дека со неодамнешните измени на Законот за судовите било решено едно од барањата на судиите поротници, кое се однесува на старосната граница до која можат да ја вршат оваа функција, а која со измените е зголемена од 60 на 67 години.

Што се однесува до дневните надоместоци, претседателот на Судскиот совет рече дека тоа прашање е уредено со Правилник што го донесува министерот за правда. Постојниот Правилник, според кој се исплаќаат дневниците, од кој не се задоволни судиите поротници, тој посочи дека е стар повеќе од 15 години.

Во тој контекст, Камбовски појасни дека надоместокот кој се движи од 570 до 670 денари, на судиите поротници не им се исплаќа по рочиште, туку за цел ден.

„Судија поротник може во текот на еден ден да присуствува и на десет судења, а да добие ист надоместок“,

рече тој, оценувајќи дека овој износ не одговара на денешните економски услови.

Камбовски информира дека Судскиот совет во повеќе наврати се обратил до Минитерството за правда и до Владата со барање ова прашање да биде решено што е можно побрзо.

Во спротивно, предупреди претседателот на Судскиот совет, доколку условите не се подобрат постои ризик да нема доволен број судии поротници, иако нивното учество е задолжително во голем број судски постапки согласно процесните закони.

„Државата треба да одлучи – или ќе ја направи таа професија достоинствена и привлечна за луѓе да се јавуваат, или, пак, треба да се направат промени во законите и да се одлучи дали ни е потребно да имаме судии поротници. Доколку некој смета дека не ни се потребни, тогаш треба да се направат законски измени“,порача Камбовски.

Тој се надева дека новиот министер за правда ќе покаже разбирање за проблемот и дека наскоро ќе биде донесен нов Правилник со кој судиите поротници ќе добијат повисок и посоодветен надоместок.

Зградата на Основниот кривичен суд Скопје (Илустративна фотографија) / Фото: Архива

Инаку, за нов министер за правда коалицискиот партнер Влен го предложи универзитетскиот професор Јетон Шасивари, кој доколку биде избран од Собранието во рамките на реконструкцијата на Владата, ќе дојде на местото на Игор Филков, кој изминатите две години раководеше со овој ресор како кадар на Движењето ЗНАМ.

Незадоволството на судиите поротници од ниските дневници, денеска го поддржаа и од Основниот кривичен суд Скопје, од каде информирајќи за протестот, посочија дека тие заслужув аат достоинствен и соодветен надоместок бидејќи без нивното учество, значителен број судења не можат непречено да се одвиваат.

Кривичен изрази очекување дека Министерството за правда во најкус можен рок ќе почне со измена на Правилникот за надоместоците на судиите поротници, за да може правосудниот систем непречено да функционира.

Поради протестот на судиите поротници, од службата за односи со јавност на Кривичниот суд, претоходно денеска соопштија дека ќе се одржат само рочишта од судските процеси во кои нема судии поротници, односно оние што ги води судија поединец, додека дел од другите ќе бидат одложени.

Последната информација оттаму е дека сите предмети каде има обвинети кои издржуваат мерка притвор и кои ги суди судечки совет во кој има поротници не се одложени, додека оние каде нема ваква мерка за обезбедување присуство, не се одржуваат и за нив ќе биде даден нов термин.

Back to top button
Close