12.05, РАЗГОВОРИ ЗА НИШТО!!

м-р. Глигор Стоименов
Почитувани, до сега сме биле многупати сведоци на некакви “таинствени“ настани и средби од типот 12.05, 11.55, каде што нели се решавало околу “судбината“ на политичките партии и судбината на државата.
Па така и овој пат, пред неколку дена во еден хотел зад затворени врати по примерот на “масонските ложи“ се собрале некои “нови“ и “реформирани“ лица на политичката сцена, загрижени за судбината на опозицијата, пред се за судбината на СДСМ, па заклучиле на крајот демек работата не одела како што треба, како што тие замислиле!!
Но вакви работи и настани му се случуваа и на ВМРО-ДПМНЕ во опозициските денови и тоа некако стана една константа и пред се составен дел на политичкото милје овде кај нас. Се сеќавате сигурно и на “Мериот коалициите“, на вонредните конгреси кои требаше да се случат, на најавуваните оставки од сегашниот премиер а тогашен лидер на опозицијата во 2020 година по поразот на изборите, па ништо од тоа не се случи!!
Нема ниту овој пат ништо да се случи. Ќе се сретнат можеби уште еднаш два пати и тоа ќе биде. Но ајде да тргнеме по ред и да ги разгледаме сите аргументи и барања на оваа неформална група на “реформатори“ на опозицијата!!
Која е стратегијата и целите на оваа група??
Е на ова прашање не добивме одговор од модераторот и предводникот на оваа група!! Водителката на дневникот каде што тој беше гостин неколку пати му го постави ова прашање, но одговор нема!! Нема стратегија, нема цел, нема ништо. Испадна работата “разговори за ништо“!! Единствените забелешки се: Ич не ми се допаѓа претседателот на партијата, имал слаб рејтинг, немал харизма, не бил тој СДСМ, партијата многу бавно напредувала со рејтингот, потребни биле реформи во партијата и други луѓе, па на крајот онаа позната констатација дека претседателот и лидер на опозицијата сигурно тесно соработува со премиерот за да партијата не оди напред!! Ете ова беа главните забелешки. Обични флоскули кои се веќе видени. Работава испадна зошто да биде тој прв (претседател) а не јас?? Но ние овде нема да се занимаваме со вакви паушални констатации и лични анимозитети на поединци туку ќе ги изнесеме фактите со бројки и аргументи па луѓето нека судат и мерат.
Како стојат работите??
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче дојде на чело на партијата точно пред 2 години, (30 јуни, 2024), нешто повеќе од еден месец по завршувањето на парламентарните избори. Неговиот мандат се потврди и при вториот избор со освоени околу 18.000 гласови. Колку што имам информации секој од овие реформатори имал можност да се кандидира и да победи на тие избори. Никој не го оспорува нивниот ангажман и заслуги кои ги имале во партијата, напротив тоа сите го признаваат!! Но се поставува прашањето дали сакале да се најдат во една таква тешка ситуација по еден таков пораз да застанат на чело на партијата!! Јунаците на мака се познаваат!! Ете изгледа не сакале, подобро од страна да гледаат и да чекаат во заседа, па после оп, не чини работата!!
Требало да се реформира партијата, ама со нив?? Не со овие нови луѓе што ги назначил Венко туку да се реформира требало со старите кадри!! Јас да ми простите ама не сум сретнал до сега во историјата на плурализмот вакво барање, да се реформира некоја партија со стари кадри, кои патем загубиле избори!!
За волја на вистината до сега ниту еден претседател во историјата на СДСМ немал ваква тешка почетна позиција. Реално, многу тешка. Зошто и како дошло до тоа е друго прашање? Но на тоа веројатно треба да одговорат оние кои ги воделе изборните штабови во 2024 година и ги пишувале изборните програми, оние кои биле “вистински“ СДСМ, а не овие актуелниве, “фејк“ СДСМ!! А тие се таму на таа средба во хотелот зад затворени врати и треба да го дадат одговорот, инаку нема друга логика. На кого треба Венко Филипче, кој не е ниту на половина од својот мандат да дава отчет?? На некои неформални групи скриени таму во некој хотел?? Токму затоа мислам дека претседателот на СДСМ не треба таму да дава отчет!! Тој ќе дава отчет пред своето членство и пред граѓаните кога за тоа ќе дојде време, друго место нема!
Немал харизма и споро му растел рејтингот него и на партијата, беше една од забелешките??
Знаете почитувани, во една ваква ситуација после сериозен политички пораз јавното мислење не се прекршува така лесно па колку и да е ситуацијата за никаде. Потребно е време. Ова е базично правило и константа во науката за политика. Луѓето често пати не сакаат да ги признаат своите погрешни одлуки при гласањето, па водени од некој внатрешен “инат“ или “инерција“ (битка сами со себе) повторно уште еден циклус даваат глас за истите, ама буквално со истиот аргумент, “абе не чинат ама за кој да гласам“?? Вториот аргумент е тоа што опозицијата води битка против власта вон сите политички правила и игри, односно власта покажува сериозни авторитарни тенденции, партизација, узурпација и страв!! Тоа се вика водење политика без политика!! Едноставно една и единствена мантра и алатка е само во игра, “го бранат идентитетот“!! Тоа е измама но истовремено и емоција која е сепак се уште силно вкоренета во свеста кај голем дел од граѓаните кои реагираат инстиктивно и без многу размислување, дали ова има врска со вистината? Секако дека нема!! Тоа е всушност најтешката задача која стои пред опозицијата, да ја разбие или омекне оваа измама што се прави кон македонскиот народ. Тоа не е лесна задача, токму затоа велам ова е неправедна битка, политика без политика, само масовно заглупување, ништо друго!!
Што се однесува до рејтинзите ајде да видиме како стојат работите и од што се незадоволни реформаторите??
Според последните анкети кои ги објави самата владејачка партија, единствена политичка партија на која и се зголемува рејтингот е опозициската СДСМ!! (според анкетите на ВМРО-ДПМНЕ). На сите други им паѓа рејтингот. Исто така единствен лидер на политичка партија на кој му се качува рејтингот (според истите анкети), е претседателот на СДСМ Венко Филипче. Сите други имаат помал рејтинг во споредба со претходните мерења. Дали е тоа доволно, секако дека не, но треба време!! Ајде само малку споредба!! Сегашниот премиер Христијан Мицковски во втората година од својот мандат како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, во периодот меѓу 2017-2019, имал рејтинг некаде 2,3%. Значи лидерот на сегашната опозиција Венко Филипче во втората година од својот мандат има скоро три пати поголем рејтинг од оној што го имал Мицковски како лидер на опозицијата иако не стартуваа двајцата од иста позиција!! Христијан Мицковски во 2017 година имаше пратеничка група која имаше повеќе пратеници од СДСМ, додека пак Венко сега има три пати помалку пратеници од владејачката партија, а сепак и три пати поголем рејтинг во исто време. Но сепак Христијан Мицковски победи и стана премиер. Знаете бројките понекогаш се силен показател но секако не мора да бидат и апсолутна вистина. Што се однесува до харизмата??? Абе каква харизма ј….а Вас харизма!!
Сега е време на модерни политичари, способни и снаодливи менаџери пред се луѓе кои брзо носат одлуки. Времето на харизматични лидери заврши со Љубчо и Бранко!! Нема веќе тоа. Инаку ако гледаме реално и сегашниот премиер една харизма што има??? Ако некој покажал во оваа држава што значи способен и одговорен “менаџер“ и политичар, тоа е Венко Филипче!! Ја заборавивте ли Ковид кризата и таа 2020-21 година, Ве прашувам сите Вас?? Заборавивте ли кога “светот застана“, кога запре се?? Кога не знаевме што ни се случува? Не само нам туку на целиот свет. Кога немаше протоколи за лечење никаде во светот, кога цели наши сектори се затворија, луѓе останаа на улица без плати, кога мораше да се најде начин да преживее стопанството, кога мораше цел здравствен сектор да се управува и менаџира од час во час!! Да, тогашниот министер за здравство и целата влада мораше да го управува и менаџира целокупниот наш здравствен систем, нашето стопанство, угостителите, туристичките работници и сите останати сектори кои беа најзагрозени, сето тоа мораше некој да го одработи!! Оваа криза која е сега актуелна со војната во Иран и Украина, за која што нашата актуелна влада покажува вонредна неспособност да се справи со економските параметри и покачувањата на цените е смешна во споредба со Ковид кризата. Нашата генерација, генерацијата на нашите родители, генерацијата на нашите баби и дедовци, освен втората светска војна не помни поголема криза од Ковид кризата, се друго се приказни!!
И на крајот како шлаг на торта доаѓа онаа омилена “конспиративна“ забелешка карактеристична за македонскиот политичкиот наратив кај сите политичари до сега!! Тој, Венко сигурно соработува со Мицковски за да ја држи партијата во опозиција?? Како што Мицковски на времето соработувал со Зоран Заев?? Ова се во основа глупости и не вредат да се анализираат!!
Токму затоа, мислам дека претседателот на СДСМ треба да продолжи како до сега, со целиот свој капацитет, да не дава отчет на секој што ќе му држи лекции, треба да издржи, да продолжи со Европската агенда, со критика на економските параметри на државата кои се навистина жалосни, со критика на тендерите и корупцијата, резултатите од оваа работа секако ќе дојдат, народот ќе разбере која опција е подобра за неговата иднина, убеден сум во тоа!!!






