Вучиќ: Не верувам дека земјите од Западен Балкан наскоро ќе влезат во ЕУ

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека не очекува ниту една земја од Западен Балкан во блиска иднина да стане членка на Европската Унија.
Говорејќи на отворањето на Конференцијата на претседателите на парламентите на земјите кандидати за членство во ЕУ во Белград, Вучиќ оцени дека Унијата во следните неколку години нема да носи одлуки за ново проширување.
„Не мислам дека ЕУ во наредните неколку години ќе може да носи одлуки за проширување, но тоа не значи дека ние не треба да продолжиме со реформите и европскиот пат“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека би било „бесмислено“ Србија да стане членка на ЕУ доколку тоа не го направат и Македонија и Босна и Херцеговина.
Според него, земјите од регионот сè уште немаат целосно слободен проток на луѓе, стоки, капитал и услуги, иако се силно поврзани.
Вучиќ оцени и дека Западен Балкан сè уште не се ослободил од поделбите и последиците од конфликтите во деведесеттите години, нагласувајќи дека е неопходна поголема меѓусебна соработка меѓу државите што се стремат кон членство во Европската Унија.






