(Видео) Петровска до Мисајловски: Ова не е времето на Никола Груевски, синдикатите повеќе не молчат

Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, денеска упати остри критики до Министерството за одбрана и министерот Владо Мисајловски, обвинувајќи ги дека не ги исполниле ветувањата кон вработените и дека две години не успеале да договорат нов колективен договор.

Петровска рече дека министерот претходно неосновано ги обвинувал синдикатите и се обидувал да го минимизира нивното делување.

„Сметаше дека со формирањето на синдикат, преку неговиот прв соработник, ќе направи контраудар врз синдикатите. Тоа можеби можело да помине во времето кога беше дел од тимот на Никола Груевски, но денес е 2026 година и правата на работниците и синдикатите се на многу повисоко ниво“, изјави Петровска.

Таа обвини дека Владата имала доволно време да преговара за нов колективен договор, но тоа не го направила.

„Имавте две години да го преговарате или репреговарате колективниот договор. Ако навистина сакавте подобар договор, тој ќе беше потпишан веднаш по истекот на претходниот“, рече пратеничката.

Според неа, предложениот ребаланс на Буџетот покажува дека Министерството нема обезбедено доволно средства ниту за обврските од постојниот колективен договор.

„Со овој ребаланс немате пари ниту за колективниот договор кој сè уште важи, а истече во февруари. Во Буџетот за 2026 година предвидовте помалку средства, а сега барате дополнителни“, истакна Петровска.

Во своето обраќање таа го обвини министерот и за, како што рече, неточни изјави во јавноста, потсетувајќи дека и претходно имало судски пресуди за клевета против функционери кои, според неа, изнесувале невистини на прес-конференции.

Петровска порача дека вработените во Министерството за одбрана бараат почитување на своите права и дека институциите треба навремено да ги исполнуваат преземените обврски кон нив.

Back to top button
Close