Претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, избрана за потпретседателка на Парламентарното собрание на ОБСЕ

Либерално-демократската партија (ЛДП) со гордост ја информира јавноста за историскиот меѓународен успех. Претседателката на ЛДП и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, е избрана за потпретседателка на Парламентарното собрание (ПС) на ОБСЕ.

 

На 33-тата годишна сесија на ПС на ОБСЕ во Хаг, Холандија, кандидатурата на Зајкова доби силна поддршка од парламентарните делегации на 57 земји од Европа, Северна Америка и Централна Азија. Овој успех има специфична тежина бидејќи е извојуван преку директна конкуренција и тајно гласање меѓу повеќе кандидати, без автоматизам или однапред утврдени квоти, оставајќи ги зад себе претставниците на Полска, Франција и Словенија. Победата во ваква силна конкуренција е крунски доказ за меѓународниот углед и високиот рејтинг што Зајкова го ужива меѓу светските парламентарци.

 

Овој триумф покажа дека кога македонската парламентарна делегација настапува со единство и сплотеност надвор од границите, Македонија може да понуди квалитет и да застане рамо до рамо со најмоќните европски и светски демократии.

 

„Потпретседателството на ПС на ОБСЕ е огромно меѓународно признание, но не само за мене лично или за ЛДП, туку за сите мои сограѓани во Македонија. Ова е успех за секој наш човек, не само од мојата изборна единица и не само за оние кои ме гласале на изборите дома. Со оваа голема победа во Хаг докажуваме дека можеме рамноправно да се носиме на отворени избори со претставниците на највисоките и најмоќните демократии во светот. Мораме конечно да почнеме цврсто да веруваме во себе, во нашиот капацитет и во она што ние од Македонија ѝ го нудиме на Европа и на светот – денес, но и во иднината! Благодарна сум за покажаното единство на македонската делегација и за големата доверба од колегите од 57-те земји членки на ОБСЕ, со кои заедно ќе продолжиме интензивно да работиме на воспоставување механизми за поголем степен на демократско учество и брзо решавање на евентуалните конфликти“, вели Зајкова во својата изјава по изборот.

 

Потпретседателите на ПС на ОБСЕ се избираат со мандат од три години и го сочинуваат највисокото раководство на организацијата која обединува над 300 пратеници, со што земјава добива директен глас во креирањето на глобалните безбедносни политики.

 

ЛДП преку овој историски изборен пробив ја потврдува својата лидерска улога во спроведувањето на ефикасна парламентарна дипломатија која носи реален престиж, достоинство и видливи резултати за македонската држава на светската политичка сцена.

 

Либерално-демократска партија

 

 

Back to top button
Close