Мелони: Не жалам што се обидов да воспоставам блиски односи со Трамп

Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска изјави дека не жали за обидот да воспостави блиски односи со американскиот претседател Доналд Трамп, и покрај неговите неодамнешни прозивки на социјалните мрежи.
– Не, апсолутно не жалам за ништо што сум направила – рече Мелони во Анкара, на крајот од самитот на НАТО на кој присуствуваше и Трамп. Мелони наведе дека нема директно да одговара на објавите на Трамп.
Таа, исто така, рече дека Италија ќе ги почитува обврските на НАТО во врска со трошоците за одбрана, но дека самата ќе одлучи за роковите и начинот на нивната реализација, притоа давајќи ѝ приоритет на италијанската одбранбена индустрија.
Трамп денеска претходно во разговорот со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, на самитот на Алијансата во Анкара, изјави дека Италија „постапила многу лошо“ во врска со одлуките за користење на своите воени бази, алудирајќи на одлуката на Рим во март, за време на конфликтот во Иран, да не им дозволи на американските бомбардери употреба на воздухопловната база Сигонела на Сицилија.
Според наводите на италијанските медиуми, одлуката на италијанската влада да го одбие американското барање за користење на базата Сигонела за време на конфликтот со Иран доведе до, како што истакнуваат медиумите, „заладување“ на односите меѓу Трамп и италијанската премиерка Џорџа Мелони, која претходно важеше за еден од неговите поблиски европски сојузници.
Американскиот претседател во последните месеци во повеќе пати ја критикуваше Мелони поради ставот на Италија за време на конфликтот со Иран. Тој вчера рече дека италијанската премиерка му се „допаѓа“ и дека ја смета за „добра личност“, но повтори дека таа не била со САД за време на војната со Иран






