Филипче: Платформата е обид за дефокус од тоталниот дебакл на власта


Лидерот на СДСМ Венко Филипче вечерва во „Тема на денот“ на телевизија Сител нагласи дека т.н. „Платформа“ претставува обид за дефокусирање на јавноста од, како што рече, „тоталниот дебакл на власта“, посочувајќи дека наместо да се зборува за неуспесите на Владата, повторно во фокусот се става СДСМ.

-Што се постигнува? Целосен дефокус. Наместо во овој период ние да разговараме за овој дебакл на власта, за изолацијата од Европа, за проруските влијанија кај нас, за проруските ставови на владата на Христијан Мицкоски, лично на него, за дебаклот со буџетот, за немањето пари за пензии, плати, социјални трансфери, земјоделство и така натаму, за ултра скапите кредити, вклучувајќи го и унгарскиот, ние повторно расправаме за самите себе – рече Филипче.

Тој нагласи дека во време кога СДСМ води силна опозициска битка против, како што рече, оваа корумпираната власт, ваквите активности создаваат непотребна фрагментација.

-Во таква ситуација, кога сме единствената опозициска партија која на овој начин се бори со оваа ненародна власт, една група луѓе кои се сите искомуницирани претходно и на кои им е понудено да дојдат, да се приклучат, да бидат дел од телата на партијата, одат и дебатираат на друго место надвор од партијата – рече Филипче.

Во интервјуто тој потенцираше дека сите кои имаат идеи и ставови имаат простор да ги изнесат во рамките на партијата.

-Ако е потребно единство, како што и тие велат, зошто прават работи кои водат кон фрагментација? Зошто не доаѓаат во партијата, во која вратите се отворени? И тие тоа многу добро го знаат, затоа што им е таму местото. Во партијата се дебатира за такви работи – порача Филипче.

Според Филипче ребалансот на Буџетот е јасен доказ за економски дебакл на Владата на Мицкоски.

-Огромен раст на дефицитот, нема предвидени пари ни за соодветен раст на пензиите, пензионерите се изневерени, ни за раст на платите. Нема доволно пари за субвенции во земјоделството. Нема доволно пари за зголемување на социјалните трансфери. Сè е статус кво“ – истакна Филипче.

Според Филипче, додека регионот оди напред и користи милијарди евра европски средства, Македонија стагнира и губи пари, реформи и време.

-Вистинскиот развој доаѓа од неповратните средства на Европската Унија. И така се смениле и се развиле сите земји. Грција, Бугарија, Хрватска, милијарди евра искористија од Европа – рече Филипче.

Тој изјави дека Владата се фали со 50 милиони евра, додека Црна Гора обезбедува 3,2 милијарди евра грантови.

Со Изборниот законик, според него, власта сакала да отвори врата за изборен грабеж, со гласање без контрола.

Филипче рече дека предложените измени на Изборниот законик во делот на гласањето на дијаспората, отвораат сериозен ризик за злоупотреба на изборниот процес и ја доведуваат во прашање контролата и довербата во гласањето.

-Сакаат да наметнат, да протнат одредби со кои ќе се отвори сериозен сомнеж дека изборите, кога и да се случат, 2029-тата, претседателските и така натаму, има ризик да бидат украдени. Зошто? Се предлага целосно поинаков систем од тоа што досега веќе е воспоставен систем на гласање на нашите гласачи со фингерпринти, проверка на идентитет итн, целосно различен систем. Прво се предложи електронско гласање. По нашите укажувања дека тоа е нешто што е апсолутно невозможно да се контролира, нешто што многу поразвиени демократии од нас планирале да го воведат, па се откажале поради ризиците, се прави само една модификација – сега дијаспората да гласа по пошта, со писма – изјави Филипче.

Тој додаде дека и предложеното гласање по пошта не нуди никакви гаранции дека процесот ќе биде заштитен од злоупотреби и дека не постои механизам со кој ќе се обезбеди автентичност на гласовите.

-Повторно, апсолутно никаков механизам за контрола на тој процес. Како ние можеме да бидеме сигурни дека тие писма, кои ќе стигнат на денот на гласањето, на претседателските избори, да кажеме, 2029 година, ќе бидат автентични и испратени од луѓето кои навистина се наши луѓе што живеат во дијаспората? Како можеме да бидеме сигурни дека тој процес некој нема да го злоупотреби? Како можеме да бидеме сигурни дека еден човек нема да испрати писма во име на повеќе луѓе – рече Филипче.

Тој изјави дека СДСМ нема да отстапи од, како што рече, силното и принципиелно опозициско делување.

-Нашето силно опозициско делување никогаш нема да се смени. Ова е најкорумпираната Влада што државава некогаш ќе има. Најкорумпираната влада во Европа, која ќе ја заглави државата, во кредити што ќе ги плаќат следните генерации, само за да владеат со националистичка, популистичка реторика и да ги плашат луѓето со тоа дека некој ќе ни го земи идентитетот и јазикот – рече Филипче.

Back to top button
Close