Во Иран денеска ќе бидат погребани посмртните останки на Ајатолахот Али Хамнеи

Во Иран денеска ќе биде погребан Ајатолахот Али Хамнеи, повеќе од четири месеци по неговото убиство во израелски воздушен напад. Погребната церемонија ќе се одржи во светилиштето Имам Реза во неговиот роден град Мешхед, соопштија иранските власти.
Посмртните останки на Ајатолахот ќе бидат погребани во најсветото шиитско светилиште во земјата, а самата церемонија ќе биде спроведена зад затворени врати.
Јавниот дел од церемониите за оддавање почит започнаа во саботата во главниот град Техеран, каде што, според иранските власти, милиони поддржувачи му оддадоа почит на поранешниот политички и духовен лидер кој 36 години ја предводеше Исламската Република.
Погребите церемонии потоа продолжија во светиот град Кум, а вчера беа одржани и во соседен Ирак.
Вниманието сега е насочено кон тоа дали неговиот син и наследник Моџтаба Хамнеи ќе се појави во јавност за првпат од почетокот на војната меѓу Иран, Израел и САД.
Моџтаба Хамнеи не е виден во јавност откако во март беше именуван за врховен лидер, што предизвика шпекулации за неговата здравствена состојба. Американскиот секретар за одбрана, Пит Хегсет, изјави дека тој е „повреден и веројатно со трајни повреди на лицето“.
Али Хамнеи беше убиен на 28 февруари во израелски воздушен напад врз неговата официјална резиденција во Техеран.
По неговата смрт следуваше повеќе од пет недели војна меѓу Иран од една страна и САД и Израел од друга страна, пред да биде постигнат договор за прекин на огнот во почетокот на април.






